Таен агент за излегувањето на Трамп пред приврзаниците: „Тоа не смееше да се случи, колегите треба да одат во карантин“
Портпаролот на Белата куќа, Џад Дир, го опиша излегувањето на Трамп од болницата како кратко возење во моторизирана поворка за да им отпоздрави на приврзаниците и додаде дека Трамп многу брзо се вратил во својата болничка соба.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера накратко излезе од воената болница Вaлтер Рид каде што е хоспитализиран поради коронавирусот. Трамп беше виден во поворка возила што полека минуваа пред група негови приврзаници кои се собраа пред болницата да му дадат поддршка.
Сепак, неговото кратко патување предизвика бројни критики од експертите.
Ситуацијата ја коментираше и еден од активните агенти на тајната служба.
– Тоа никогаш не требаше да се случи. Агентите кои го возеа Трамп сега ќе треба да одат во карантин. Мислам, јас сигурно не би сакал да бидам во нивна близина. Фрустрирачки е односот кон нас кога станува збор за коронавирусот, како ние да сме за еднократна употреба – рекол агентот за Си-Ен-Ен.
Друг агент вели дека едноставно е невозможно да се каже „не“ во таа ситуација, а трет смета дека сето тоа било несовесно.
Сепак, не сите агенти сметаат дека потегот на Трамп бил лош.
– Денес гледав некои вести и мислам дека е смешно да се каже оти Трамп се обидува да ги убие луѓето околу него. Сите знаеме дека тој е неконвенционален, но на нас е да си ја сработиме работата – истакнал агентот.
Портпаролот на Белата куќа, Џад Дир, го опиша излегувањето на Трамп од болницата како кратко возење во моторизирана поворка за да им отпоздрави на приврзаниците и додаде дека Трамп многу брзо се вратил во својата болничка соба.