ТАЧИ ТВРДИ ДЕКА ГИ СМИРУВАЛ СВОИТЕ АКТИВИСТИ, НЕ КРШЕЛ БИЛБОРДИ Лидерот на ДПА фатен од полицијата
„За 3 минути дојдов со автомобилот на самото место, но не да вандализирам туку да ги смирам нашите активисти да не подлегнуваат на провокации. Разговарав со активистите и им реков, ајде дома сите. Тие ме послушаа. Апелирам до активистите да не реагираат на ниедна провокација, изјави Тачи за Плусинфо.
Лидерот на ДПА Мендух Тачи, заедно со уште три лица, со остар предмет оштетиле билборд и транспаренти на политички противници во центарот на Тетово. Наводно Тачи надгледувал или координирал додека останатите го уништувале изборниот материјал.
Тачи за Плусинфо демантира дека тој и сопартијци учествувале во такви активности и вели дека бил на терен за да ја смири ситуацијата, откако изборен материјал на ДПА бил искинат.
Од СВР Тетово го потврдија инцидентот, а со реакција се јави и опозициската Алијанса за Албанците, чиј пропаганден материјал бил оштетен.
– Ноќеска во 1.50 часот во СВР Тетово било пријавено дека е извршено оштетување на изборен рекламен материјал на политичка партија на неколку различни локации, од неколку лица кои се движеле со две патнички моторни возила со тетовски регистарски ознаки. Возилата биле сопрени од полициски службеници на СВР Тетово и било утврдено дека возилото „ауди“ го управувал М.Т.(56) од Тетово, а возилото „голф“ го управувал Џ.К.(34) од тетовско село. Во возилата биле уште две лица. Во координација со Јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот – ни изјави Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Неофицијално, инцидентот се случил на улиците Илинденска и на Маршал Тито, при што со остар предмет биле оштетени транспаренти и билборди.
Наспроти тврдењето дека лидерот на ДПА со сопартијци уништувал изборен материјал на конкурентска партија, Тачи во изјава за Плусинфо негира и вели дека тоа се „стари трикови на ривалските партии за провокација на активистите на ДПА“.
– Активисти ми јавија дека се скинати наши транспаренти и пропаганден материјал и дека со спреј се уништени неколку билборди на нашиот кандидат за градоначалник на Тетово, Сади Беџети. За 3 минути дојдов со автомобилот на самото место, но не да вандализирам, туку да ги смирам нашите активисти да не подлегнуваат на провокации. Разговарав со активистите и им реков, ајде дома сите. Тие ме послушаа. Апелирам до активистите да не реагираат на ниедна провокација – ни изјави Тачи.
Алијанса за Албанците реагира дека биле оштетени билборди на нивниот кандидат за градоначалник на Тетово, Вулнет Мурсели.
– Ваквите вандализми се срамни намери на неуспешни индивидуи во политиката, со намера да ги вовлечат во нивното срамно оро нашите активисти. Ги уверуваме симпатизерите, гласачите, но посебно сите граѓани на Тетово и околината, дека коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива и тимот на Вулнет Мурсели не паѓаат на нивото на тие што се во страв и паника од губење на изборите. Очекуваме од истражните органи и тие на обезбедувањето на ред и мир да го расветлат ова срамно дело и сторителите да бидат казнети според Кривичниот законик – велат од Алијанса за Албанците.
Од партијата на Зијадин Села велат дела кампањата на Вулнет Мурсели ќе биде позитивна, бидејќи таков е и кандидатот, но и волјата на граѓаните на Тетово. Од таму додаваат дека ја имаат најдобрата програма и понуда и дека се ангажираат да го вратат достоинството на Тетово и на граѓаните, надежта и оптимизмот.