Тачи ја обвини ДУИ за ширење на вирусот во албанските средини
Продолжувањето на ваквата ситуација може да нѐ донесе до агонија во која сите еден со друг ќе се обвинуваме, смета Тачи.
Демократската партија на Албанците смета дека треба да има избори на 5 јули. Според претседателот на партијата, Мендух Тачи, тоа е потребно поради нефункционалноста на Владата.
– Откако ќе се укине вонредната состојба за 22 дена навистина ни требаат избори. Особено нам Албанците затоа што имаме една партија, етаблирана 99 отсто на власт, тоа е ДУИ, чии претставници воопшто не се заинтересирани и не функционираат институционално. Почнувајќи од траги-комичната слика на Бујар Османи кој претпладне едно збори, навечер си се деманатира. Локалната власт, особено во Тетово која „заслужува“ Нобел за здравство, затоа што со вода од река ги чистат 2-3 патишта и велат дека нѐ дезинфицирале и ние сме многу заштитени од вирусот. Трето, освен ДПА сите други политички партии сѐ што зборуваат е маркетинг, нема сериозен пристап за оваа работа. Навистина мислам дека треба да одиме на избори за да се заврши ова глумење на политичките сили, да имаме силна и функционална влада и институции кои навистина многу искрено ќе се борат со ова зло што нѐ снајде заедно со граѓаните. Инаку, продолжувањето на ваквата ситуација може да нѐ донесе до агонија во која сите еден со друг ќе се обвинуваме – рече Тачи.
Тој не се согласува со останатите политички партии дека народот е крив за состојбата со коронавирусот поради недисциплина.
– Ова се случува затоа што институциите не функционираат како што треба. Особено во средините каде што се Албанците и каде апсолутната власт е на ДУИ. Калкулациите што се направија за Бајрам, за политички структури да добијат поени и гледам сега ниеден од нив не се појавува да ни каже зошто така постапиле. Ова е ситуација во која сите политички партии трчаат по поени затоа што треба да има многу брзо избори, сигурно е тоа. Ние инсистираме на нашите барања. Прво повеќе тестирање во таргетирани групи каде има инфицирани. Второ, сите што се контакти на позитивни пациенти да не седат дома, да се носат во болници, во спортски сали и луѓето што немаат симпоми таму да седат – смета Тачи.
Според него, показател за лошата институционална состојба со коронавирусот е тоа што Македонија е на прво место на Балканот по број на заболени и смртни случаи поради ковид-19.