Таче Ковачевски како главен кловн во циркусот „СДСМ на власт“
ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Мицкоски, е подготвена да се справи со предизвиците на новото време и со штетите кои ги направи СДСМ со неговата кловновска политика. Очигледно и граѓаните се подготвени и повторно ја даваат довербата, не штедејќи се после последните локални избори, кога очигледно воопшто не погрешија.
Да не беше трагично, ќе беше смешно. Да не беше и Таче Ковачевски премиер, немаше да нѐ шиба вака кој стигне. Најмалку немаше да нѐ „работи” Еди Рама, со кловновскиот стил на облекување, којшто за жал се покажа дека не е кловн, он само така се облекува, кловн е овој нашиов што залутал во политика и се погодил во погрешно време на погрешно место и му паднала паричката да биде кловн со титула премиер на Република Македонија, односно, ако го прашате кловнот, ќе ви рече дека ќе биде премиер на „идна западна Бугарија“ и ќе се згази од смеење.
Не сакам да мислам, но сѐ повеќе сум убеден дека оваа Заевата трава сега за сега јако се покажува.
Го „работи” Еди Рама од позади него (Тачета) и овој се смее како недоветен, срамејќи нѐ пред еден од лидерите на Европа, господинот Шолц, кој замислете што сѐ си мисли за нас како држава, кога ги гледа кловновиве што ги запознава. Тоа е. Не го избиравме ние како граѓани и не треба да се лутиме сами на себе што он залутал во политика. Но, факт е дека треба да се лутиме сами на себе ако не го смениме што поскоро.
Да се потсетиме дека истиот тој Еди Рама среде Скопје на Заев му велеше дека македонскиот јазик е нов и он разбира само бугарски, а Заев се смееше исто како јако да беше напушен. И тогаш, да не беше трагично, ќе беше смешно, ама за жал трагично е и воопшто не е смешно.
Интересно е што оваа кловновска политика на напушената залутана душа во политика, која влече корени на селски црпнат цреп од нива, со дијагностициран „стокхолмски синдром” и сега новиов кловн успешно ја спроведува. Таа е тотално складна со оваа политичка номенклатура на власт. Таму веќе не е проблем на еден човек, па да ги срами сите останати од власта, таму веќе е колективен проблем на сите останати што го бранат. Тука не мислам на чесните социјалдемократи кои се срамат од овие кловнови што им го водат СДСМ. А такви ги има, многу со кои разговарав се срамат од нивната брука од претседател на партија.
Решение? Па се знае, избори. Тоа го мислат сите.
Тоа го кажува и во анкетата на МЦМС и угледниот господин Кржаловски, кој, иако своевремено, кога анкетите беа пата-пата, повикуваше на бојкотирање на партиските прес-конференции (прес-конференциите тогаш беа единствен начин да се допре до јавноста и да се изнесе криминалот на власта), сега навистина се покажал во свое најдобро светло и го пренел доследно мислењето на граѓаните.
На прашањето на анкетата на МЦМС кој е најдобриот пат за земјата, само 23,3% кажале дека сегашната влада може да продолжи успешно. Дури 30,4% мислат дека целосна мобилизација е потребна за надминување на предизвиците, што како опција беше предложено од ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш предложивме тимови за советување на владата и за надминување на кризата, но и тоа беше одбиено. И останува третиот и најголем процент на граѓани од 36.3%, кои мислат дека се потребни предвремени парламентарни избори.
Дами и господа, настрана од барањата на опозицијата, веќе и народот јавно бара предвремени парламентарни избори. Зошто? Тоа ќе ви го одговори третата, последна тема за која пишувам во оваа колумна. Штом народот бара избори, тука веќе е јасно. Милум или силум, ќе ве симнат. Подобро е милум, бидејќи сме демократско општество, кое се поистоветува со европските стандарди.
На прашањето кој е најважен проблем со кој се соочуваат граѓаните, ќе одвојам само 4 негативни главни столба коишто ги гледаат како најважни проблеми, а се шират како рак рана во ова општество, благодарение на кловновската влада на Таче Ковачевски.
Сиромаштија и невработеност – цели 30%.
Корупција и криминал – 25,9%.
Економска ситуација – 13,9%. Полоша со инфлацијава и со крадењево во енергетикава не може да биде.
Иселување на младите – 13,5%.
Цели 73,3% од проблемите на граѓаните се овие 4 точки, за кои верувајте дека споредено пред 6 години, ниту еден граѓанин не можеше ниту да замисли дека ќе дојде до ова и ќе биде на вакво лошо ниво. Зошто мислат вака граѓаниве, веќе е апсолвирано, здодевно е да се повторува. Едноставно, многу луѓе треба да седнат на обвинителна клупа и да објаснат зошто и колку украле, зошто и колку штета предизвикале раководејќи со државни претпријатија, зошто и колку животи уништиле, разочарувајќи ги луѓето и терајќи ги да се иселат од државата.
И третото прашање, за кое погоре кажав дека ќе го дискутираме, тоа е како стојат рејтинзите на партиите.
ВМРО-ДПМНЕ 20,7%, наспроти СДСМ 14,6%. Демек партиско симптизерство, а всушност реалност во секојдневието. Ова е одговорот на нервата којашто ја има опфатено кликата на власт. Јасно е дека ја губат власта, граѓаните сакаат предвремени парламентарни избори, а ВМРО-ДПМНЕ има значително поголем рејтинг и одлучност да ја сруши СДСМ од власт. И ќе ја сруши. Веќе ја руши.
Очигледно е дека граѓаните бараат ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт, дополнително поучени од некои грешки во минатото. Нема човек што не греши, уште помалку партија, каде што има илјадници и илјадници луѓе. Најважно е да се земе пример како градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ работат во општините и ја водат локалната власт, каде што со празните каси наследени од СДСМ работат со полна пареа и реализираат проекти, а сето тоа надополнето со одговорно и отчетно функционирање.
Сѐ на сѐ, ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Мицкоски, е подготвена да се справи со предизвиците на новото време и со штетите кои ги направи СДСМ со неговата кловновска политика. Очигледно и граѓаните се подготвени и повторно ја даваат довербата, не штедејќи се после последните локални избори, кога очигледно воопшто не погрешија.
Затоа сме тука, да ја оправдаме и да ја зацврстиме таа доверба. Тоа сме ние, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, 18 јуни, 20:00, пред Влада на Република Македонија, да порачаме дека “Премногу е!” и дека ќе следи одговорно спроведување на законите, каде што сите што се огрешиле ќе имаат право да ја дадат одбраната, но и да одговараат пред законите, пред граѓаните и пред државата.
Нема назад, или ќе имаме држава, или ќе живееме во циркус воден од кловнови што се смеат како да имаат „стокхолмски синдром”. За последниот синдром, верувам дека знаете што е, а треба некој да му го објасни тоа на Таче Ковачевски, кој веќе се има навикнато да живее со него.