Tabula rasa или царството на глупоста

1,037

Тиранијата на лагите на оваа власт е просто несопирлива, катастрофална како оние суперќелијни бури што го потресуваат регионов. Среќа нас нѐ зафаќаат во релативно помали дози, веројатно сочувствуваат гледајќи ги овие наши локални торнада. Тие би ни биле премногу зашто нашава тиранија на лагата сега се инкорпорира во постојното царство на глупоста, со закана со катаклизмични размери.

Да не ги запознавме доволно низ годиниве, веројатно не ќе си верувавме на очите и ушите на нивниве политикантски претстави, на лагите и конструктите што секојдневно ги истураат во јавниот простор. Сега премиерот бара од нас да им веруваме (особено) на Радев и на Јотова зашто „тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во преговарачката рамка“. Па тоа во континуитет го велиме многумина и овде, ама премиерот сака да остане слеп и глув – или има друг проблем? – дека меѓу тие „договорени услови во преговарачката рамка“ се и спомениците, историјата, учебниците и др., што токму тој започнува „на мала врата“ да ги исполнува! И на коишто безмалу секојдневно потсетуваат Радев, Јотова и бугарското МНР. Ама нашиве слепци се прават наудрени, а патем држат пионерски лекции. На табла, без сунѓер. И без црвена марама. Е па тоа ни е нивото.






Но, премиерот не кажува како да се однесуваме пред онаквата неодамнешна соседска вулгаризација и на Илинденското востание. Дали и тоа е израз на добрососедството и пријателството на Радев и Јотова? Молчи. Ама, во замена, кажува нова епохална измислица: дека „Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку.“ Што ќе рече дека сите ние, цел народ, сме идиоти и ништо не сме разбрале во македонско-бугарскава приказна! Господ да чува и да брани од неуки луѓе кои си играат политика!!!.

Не кажува, впрочем, премиерот ни како да го разбереме она првоодделенско однесување на министерот за надворешни работи и неговата tabula rasa којашто онака мазно ја испиша пред целата јавност, пред Владата, медиумите, „експертите“…? Не кажува ни на кои и какви понатамошни реформи и трансформации мисли кога владата му е како пресликана ветва соцреалистичка карикатура заталкана од минатиот век? Со tabula rasa на рамењата. Па замислете некој од министрите за надворешни работи од екс-ју форматот на еден Коча Поповиќ, Јосип Врховец или Будимир Лончар…, па и Стево Црвенковски, ако баш сакате, со себе да влечкале табли и да им цртале на соговорниците! Па има ли поголем резил за оваа власт, но и навреда од нејзина страна кон својот народ и држава?

Па барем да знаеше што да напише на таблата дотичниот, барем еднаш да ги споеше коцкичките во еден и еден се два! Вакви неспособни луѓе можат да глумат власт само во Македонија како република на глупоста. Затоа впрочем и говорам – не само јас, се разбира – за историскиот амбис пред којшто се наоѓа државата. Таквите историски пресвртни мигови се проклета работа ако се остават во рацете на неуки, неспособни и крајно суетни ликови. Зашто нивните „табли“ се празни, врз нив допишува кој како ќе стигне и поставува равенки со многу непознати кои овие ни во три нови животи не би успеале да ги разберат!

Не случајно минатиот пат спомнав примери за самоубиствени државни одлуки, меѓу нив и таканаречениот „аншлус“ (Anschluß Österreichs) – или припојување – на Австрија кон нацистичка Германија во 1938 година. На крај памет не ми паѓа да правам такви евтини историски паралели меѓу тој настан и Македонија и Бугарија, или Македонија и ЕУ. Но, интересни сличности – има, видливи се со голо око. Барем за оној кој не е тотално слеп, како македонскава власт!

Историјата вели дека на строго контролираниот плебисцит во април 1938 година речиси 99,7% гласале за припојување на Австрија кон Германија. Некој ќе помисли дека Австријците (тогаш) биле глупави, залудени по моќта на Хитлер, не сакале повеќе да бидат „еден народ во две држави“…? Но нема глупави народи, има само глупави власти и политички елити кои добро го подготвиле теренот за погрешни одлуки. А колку за информација: на австриското – повторно: строго контролирано! – изјаснување не им било дозволено гласање на припадниците на левите партии, на Евреите и на Ромите.

Не можете да кажете дека Австријците биле непромислени во тоа време па гласале така како што гласале. Голем дел од историчарите се согласуваат дека нема само една причина за таквиот развој на настаните: опортунизмот кај народот, импресионираноста од економскиот развој на Германија, од ветувањата на Хитлер итн. Неколку години Австрија била под жесток притисок, внатрешен и надворешен, за унификација со Германија, сите опозициски гласови биле веднаш загушувани, некооперативниот премиер Шушниг бргу бил приморан да поднесе оставка и на негово место бил инсталиран про-нацистот Артур Зајс Инкварт итн., итн. Факт е и дека Социјал-демократската партија на Австрија (една од најголемите австриски партии), како и католичката црква, го поддржале аншлусот на Германија! Наспроти тоа, огромен дел од австриската интелигенција била против.

Се разбира, секој може да ги гледа и толкува овие факти како сака, но тие се доволно речити – па и компаративно! – за/со некои локални состојби и процеси. Но и со интересни разлики. На пример, дека ваквиот наш налудничав евроинтегративен процес кај нас го туркаат само две партии наспроти (речиси) целата здружена политичка опозиција. Тогаш, во чие име се прави тоа, со кој и каков кредибилитет на оваа коалиција, со кои и какви нивни резултати, со која транспарентност и демократичност во водењето на процесот…? Ако во Австрија сепак аншлусот добил огромно мнозинство на референдумот, кај нас сите анкети говорат за 2/3 од популацијата што се противи на ваквиот начин на водење на процесот.

Ако Хитлер прво насилно ги внел германските трупи во Австрија а потоа го организирал референдумот за аншлусот, и кај нас прво беше потпишан (и „прославен“) „Преспанскиот договор“ па дури потоа се одржа „консултативниот“ референдум којшто покажа спротивставување на мнозинството од граѓаните на менувањето на името на државата! Дури и наспроти строго „контролираните“ – да не кажам потежок збор – мерки/методи за (не)излезноста на гласањето, многу слични не само на оние во Австрија во таа 1938 година туку и на режимот на „заробената држава“ против којшто „прогресивциве“ наводно се бореа!

Но, повторно, не ми е намерата да конструирам историски паралели туку да посочам само на една од многуте погрешни одлуки којашто однела цел еден народ во прегратките на нацизмот. Дали тоа е и случајот со Македонија денес? Не е, се разбира, но предизвиците што демнат на патот, а актуелната македонска политикантска „елита“ сака да ги минимизира со цртање на табла, се многу слични. Зашто македонско-бугарскава „приказна“ очигледно бил одамна и добро подготвувана. А игнорирана од власта, дури поттикнувана со непромислени чекори, меѓу кои оној со Договорот за пријателство и добрососедство е врвот. И никој не се ни обидува(л) да го заобиколи.

Тоа говори дека македонската политика денес е политика на tabula rasa – на неука, нестручна, некомпетентна и историски неписмена политика. Оние цртки на tab(u)la-та на Османи, како впрочем и последниве изјави на Ковачевски, се толку смешни – да не речам глупави! – што едноставно не можат да ја убедат јавноста дека државниот врв знае што стои пред него и како со тоа да се справи. Уште помалку пак можат да обезбедат некакви идни реформи што ги навестува премиерот, или „процес во кој ние се трансформираме (…)“. Во што? И што впрочем правеше оваа коалиција цели шест години па дури сега да почнува со реформите, трансформациите и економскиот напредок? Не мисли ли премиерот дека е должен, и одлично платен, да даде соодветно објаснување за сите овие изгубени години, за економскиот, здравствениот, културниот, образованиот, еколошкиот… колапс на државата, за трагикомичниот евроинтегративен пат, за сите глупости што ги направи оваа власт?

Извор: Теодосиевски уметност

 

Поврзани содржини