ТАБЛИТЕ „СКОПИА“ СТОЈАТ, „ФИЛИП ВТОРИ“ ЛЕТНА ОД МНР Дендиас се вади на локалните власти кои немале ентузијазам

Улицата на која се наоѓа МНР е сменета од Филип Втори во Стив Наумов, но таа одлука не може да се имплементира пред локалните избори, затоа не е ставена ознака со новото име на оваа улица.

1,835

Преспанскиот договор не се доведува во прашање со тоа што Грција не исполнува дел од своите обврски, како усвојување на трите меморандуми и промената на таблите, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со грчкиот колега Никос Дендиас во Скопје.

– Прашањата што ги покренавме во однос на ратификација на одредени договори и меморандуми во грчкиот Парламент ги отворив и јас на средбата и прашањето на сообраќајните знаци во Грција и разговаравме по однос на техничките причини за неисполнување на тие прашања во грчкиот Парламент и договоривме начин како тоа ќе се направи во наредниот период. Во однос на таблите објаснувањето е дека локалните власти се тие што не покажуваат ентузијазам, меѓутоа и по однос на тоа прашање разговаравме пошироко и мслам дека во наредниот период ќе има решение и за тоа – рече Османи по средбата.

Тој рече дека грчката страна ги исполнила најважните нивни обврски во однос на Преспанскиот договор, а тоа е поддршката за членство на С Македонија во НАТО и подрршката за почеток на преговорите за ЕУ.






– Тоа беа двете суштински обврски за Грција по однос на Преспанскиот договор. Прашањата на меморандумите се прашања на секторската соработка, прашања на постигнување на стрататешко партнерство, тоа е жива материја, има многу договори што треба да се потпишуваат, на пример кај нас Договорот за двојно оданочување – рече Османи.

Министерот рече дека интензивно се следи имплементацијата на Преспанскиот договор, обврските кои произлегуваат од градењето на стратешкото партнерство во секторската соработка, меѓутоа и обврските што произлегуваат од членот 8 од Договорот, а тоа е имплементација на промена на името. Тоа следење, рече Османи, се случува на неделна основа преку Акциски план во којшто се имплементираат конкретни обврски од двете страни.

Она што последно е направено од имплементацијата на тој Акциски план е адаптација на името на Археолошкиот музеј кое што поради логистичко-технички причини не можело досега да се направи, но се направиле напори да се направи соодветна адаптација. Во однос на промената на имињата на улиците, што е одлука на Советот на Град Скопје, улицата на која се наоѓа МНР е сменета од Филип Втори во Стив Наумов. Но, таа одлука не може да се имплементира пред локалните избори, затоа не е ставена нова ознака со новото име на оваа улица.

На состанокот со Дендиас станало збор и за брзиот меѓуграничен железнички транспорт, а се зборувало и за отворањето на новиот граничен премин Маркова Нога.

Грција, посочи Дендиас, е задоволна од она што досега е направено во насока на имплементација на овој договор.

– Направени се многу скорешни чекори од кои еден е тргањето на таблата пред зградата во која се наоѓаме, поставена во други времиња и го претставуваше кралот Филип, таткото на Александар Велики, бидејќи договорени сме заедно дека тогаш вашите претци сѐ уште не биле пристигнати на Балканскиот Полуостров и немале можност да војуваат под водство на Александар Велики во длабочината на Азија, променето е и името на Археолошкиот музеј и промената на таблите на граничките премини – рече Дендиас додавајќи дека имплементацијата на договорот не е бирократска работа туку треба да се имплементира секоја буква и за тоа, како што рече, има временска рамка.

Грчките инвеститори во Северна Македонија имаат 1 милијарда евра инвестиции, обезбедуваат 20.000 работни места, а во услови на пандемија взаемната трговска размена изнесувала околу 800 милиони евра.

Поврзани содржини