СЗО СО ПРЕПОРАКА ЗА ТРЕТА ДОЗА „Бустер“ за лицата со ослабен имунитет и вакцинираните со мртов вирус
Инактивираните вакцини кои го земаат вирусот САРС-КоВ-2 и го деактивираат или убиваат користејќи хемикалии, топлина или зрачење ги направија кинеските производители „Синовак“ и државната компанија „Синофарм“, како и индиската компанија „Бхарат Биотек“. Тие беа одобрени од СЗО за итна употреба.
Светската здравствена организација (СЗО) денес препорача луѓето кои се со намален имунитет или примиле инактивирана вакцина против ковид-19 да добијат т.н. бустер доза за заштита од ослабен имунитет.
Многу земји вакцинираат со дополнителни дози, насочени кон постарата популација и лицата со здравствени проблеми, но загриженоста за новата, полесно пренослива варијанта на омикрон ги натера некои да ја прошират дополнителната вакцинација на поголем дел од нивната популација.
Со оглед на тоа што стапките на вакцинација се алармантно ниски во повеќето земји во развој, СЗО во последните месеци рече дека давањето први дози наместо бустери е приоритет.
Вакцините обезбедуваат силно ниво на заштита од сериозна инфекција најмалку шест месеци
Говорејќи на брифинг со новинарите, претседателот на Стратешката советодавна група на експерти за имунизација (SAGE) Алехандро Кравиото рече дека вакцините обезбедуваат силно ниво на заштита од сериозни инфекции најмалку шест месеци, иако податоците покажуваат дека имунитетот се намалува кај постарите и болните.
– Во моментов продолжуваме да ја поддржуваме потребата за еднаква дистрибуција на вакцината и употребата на третата доза само кај оние со здравствени проблеми или оние кои примиле инактивирана вакцина – рече тој.
– Вакцините против ковид-19 штитат „многу добро“ шест месеци по последната доза со „помало, поскромно опаѓање“ на заштитата – рече Кејт О’Брајан, директор на Одделот за имунизација на СЗО.
Инактивираните вакцини кои го земаат вирусот САРС-КоВ-2 и го деактивираат или убиваат користејќи хемикалии, топлина или зрачење ги направија кинеските производители „Синовак“ и државната компанија „Синофарм“, како и индиската компанија „Бхарат Биотек“. Тие беа одобрени од СЗО за итна употреба.
Тие не именуваа поединечни вакцини
Челниците на СЗО не ги именуваа поединечните вакцини во четвртокот. Во октомври, агенцијата на ОН препорача на лицата постари од 60 години кои примале „Синофарм“ или „Синовак“ да земат дополнителна доза.
– Вакцината „Џонсон и Џонсон“, која се зема во единечна доза, сè уште е ефикасна, но податоците од клиничките испитувања на компанијата за земање две дози ги покажуваат придобивките од понатамошната вакцинација – рече Кравиото.
Некои земји, вклучително и Турција, Обединетите Арапски Емирати и Тајланд, даваат засилувачки дози на оние кои биле вакцинирани со кинески вакцини поради загриженоста дека тие не се толку ефикасни против попреносливите варијанти на коронавирусот.