СЗО: Повеќето вакцинирани делта сојот го минуваат асимптоматски

Сепак, бројот на хоспитализирани лица се зголемува во некои делови на светот, особено каде што нивоата на вакцинација се ниски и се шири многу заразната варијанта делта.

866

Луѓето кои биле целосно вакцинирани против ковид-19 се инфицираат со варијантата делта, но Светската здравствена организација (СЗО) тврди дека вакцините ги заштитиле повеќето од сериозни болести или смрт.

– Постојат докази дека има случаи на инфицирани меѓу вакцинираните, особено со варијантата делта. Сепак, повеќето од овие случаи биле со благи симптоми или асимптоматски – рече Соума Суаминатан, кој е на чело на научниот оддел при СЗО.






Сепак, бројот на хоспитализирани лица се зголемува во некои делови на светот, особено каде што нивоата на вакцинација се ниски и се шири многу заразната варијанта делта, додаде таа.

Во Соединетите држави, здравствените власти велат дека скоро сите хоспитализации и смртни случаи од ковид-19 неодамна биле меѓу невакцинираните лица. Болестите кај вакцинираните лица се ретки, а околу 75% од луѓето кои умираат или се хоспитализирани со ковид-19 по вакцинирањето се над 65 години, според податоците на Центрите за контрола и превенција на болести.

– Делта сојот се шири низ светот со брзо темпо, што доведува до зголемување на нови и смртни случаи. Сепак, не се погодени сите на ист начин – рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, цитиран од „CNBC“.

– Делта варијантата брзо се шири и инфицира ранливи и незаштитени луѓе – вели првиот човек на СЗО.

Суаминатан предупреди дека вакцинираните лица можат да се заразат со коронавирусот и да го пренесат на други, повикувајќи ги луѓето да продолжат да носат маски и да практикуваат социјално дистанцирање.

– Вакцината дефинитивно значително ја намалува веројатноста за сериозни хоспитализации и смрт – додаде таа.

Некои студии покажуваат дека луѓето заразени со ковид-19 по вакцинирањето ослободуваат многу помалку вирус отколку невакцинираните, што го намалува ризикот од пренесување на други. Според СЗО, потребни се повеќе истражувања за да се разбере влијанието на вакцините врз преносот.

Поврзани содржини