И здравите и болните да носат заштитна маска на лицето на јавни места за да се спречи ширењето на корона вирусот, апелира СЗО. Организацијата го промени првичното мислење, откако последните студии покажаа дека заштината маска сепак е бариера за потенцијално инфективните капки кои се шират при комуникација. Анализата на 172 истражувања направени во 16 земји покажува дека мерките како физичко растојание и носење маска го намалуваат ширењето на коронавирусот.
Светската организација претходно тврдеше дека нема доволно докази за тоа дали треба и здравите луѓе да носат медицински маски. Здравствените експерти од ова тело со месеци стоеја на ставот дека маските можат да дадат лажно чувство на безбедност, а нивната набавка од луѓето би можело да ја загрози залихата која им е потребна на медицинските лица. Некои држави веќе наредија задолжително покривање на лицето на јавните места, и покрај претходните препораки на СЗО.
– Во области каде има трансмисија, советуваме луѓето над 60 години, или тие со хронични состојби, треба да носат медицински маски во ситуација кога не е можна физичка дистанца. Нашите ажурирани насоки содржат нови информации за составот на маските од ткаенина, засновани на академско истражување побарано од СЗО. Маските не се замена за физичката дистанца, хигиената на раце и другите мерки за јавното здравје. Маските се од полза само како дел од сеопфатниот пристап во борбата против ковид-19 – изјави претседателот на СЗО, Тедрос Гебрејсус.