СЗО: Крај на ковид-19, кога 60% од населението ќе се вакцинира! Во Македонија првите дози веќе следната година
На почетокот во земјава се предвидува имунизација на најранливите групи како што се здравствените работници, хронично болните и повозрасните.
Првите дози на вакцината против корона вирусот на американската компанија Фајзер пристигнаа во САД. Од Белгија, компанијата Јунајтед Ерлајнс ја достави вакцината во Чикаго, известува Ен Би Си Њуз. Потребни биле цели 15 илјади килограми мраз за да се одржи потребната температура за вакцината Фајзер.
Дистрибуцијата на вакцината Фајзер ќе започне веднаш по добивањето зелено светло од Американската управа за храна и лекови, а тоа според американските медиуми се очекува во текот на следната недела. Кејт О’ Брајан директорка на СЗО за имунизацијата и вакцини на прес конференција за медиумите во Женева рече дека се уште не е јасно дали вакцините против ковид-19 можат да ја намалат способноста на луѓето за ширење на вирусот.
– Околу 60 до 70% од населението треба да биде имуно преку имунизација со што ќе постигнеме намалување или прекин на трансмисија на вирусот. Секако тоа зависи и од перформансите на вакцината. Така што навистина е важно всушност да започнеме да добиваме повеќе информации во врска со тоа што прават вакцините, не само спречување на болеста, туку и за спречување на добивање на вирусот, инфекцијата и карактеристиките на оваа инфекција – вели Кејт О’ Брајан.
Во нашава земја вакцината се очекува да пристигне на почетокот на следната година, велат здравствените власти. Премиерот Заев најави дека се издвоени 390 милиони денари односно 6.5 милиони евра за набавка на 800 илјади дози од вакцината против ковид-19.
На почетокот се предвидува имунизација на најранливите групи како што се здравствените работници, хронично болните и повозрасните.
Во конкуренција се три вакцини, американските Фајзер, Модерна и Осфордската.
Оксфордската вакцина функционира во 70% од случаите, додека вакцините произведени од компаниите Фајзер и Модерна, покажале 95% заштита. Меѓутоа Оксфордската вакцина се вели дека ќе биде многу поевтина, полесна за чување и полесно пристапна насекаде во светот во споредба со другите две. Доколку се одобри, се верува дека може да одигра важна улога во борбата со пандемијата.