Министерот за здравство Венко Филипче денеска од претставничката на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Жихан Тавила, прими донација на медицинска опрема за Клиниката за неврологија.
Претставничката на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Жихан Тавила упати благодарност на луѓето кои се на првата борбена линија со вирусот, како што ги нарече „нашите херои“ – здравствените работници – кои деноноќно нè чуваат и работат во служба на нашите заедници.
-Во изминативе 12 месеци се промени текот на историјата, а сè уште не знаеме кога сето ова ќе заврши.Сакам да им честитам на целата влада и на министерот за здравство д-р Филипче за вложувањето на сите можни напори и ресурси (човечки и финансиски), како и за покажаната енергија и добра волја за ставање под контрола на кризата предизвикана од ковид-19. Денешнава донација од СЗО е дел од пакетот на поддршка што СЗО оваа година ѝ ја обезбеди на Северна Македонија за зголемување на безбедноста на пациентите и здравствените работници и за подобрување на лекувањето на болните од ковид – рече д-р Тавила.