СВЕТСКИТЕ ЦЕНИ НА ХРАНАТА СЕ НАМАЛИЈА ЗА 10,5% ВО ФЕВРУАРИ Житарките и натаму поевтинуваат, но расте цената на месото, шеќерот и на млечните производи
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) оценува дека падот на цената на храната е резултат на седуммесечниот пад на цената на житарките, што го неутрализира растот на цените на шеќерот, месото и млечните производи.
Светските цени на прехранбените производи се намалуваат седум последователни месеци. Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во последниот извештај оценува дека цената на храната во февруари се намалила за 10,5% во однос на истиот месец лани и за 0,7% во однос на јануари годинава.
На ваквиот исход на цените на храната, велат од ФАО, големо влијание имаше падот на цената на житните култури кои го неутрализираа растот на цените на шеќерот, месото и на млечните производи.
„Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени во меѓународните цени на збир на прехранбени производи со кои се тргува на глобално ниво, во февруари во просек изнесувал 117,3 поени, што е пад од 0,7 % во однос на јануари и 10,5% во однос на истиот месец пред една година“, наведоа од ФАО.
Цените на житарките се намалиле за 5% во февруари што е намалување за 22,4 % во однос на февруари 2023 година.
– Ваквата цена на житарките е постигната поради силното темпо на извоз од Руската Федерација – оценува ФАО.
И меѓународните цени на оризот забележаа пад, за 1,6% во февруари.
Пад за 1,3% во однос на јануари и за 11% споредено со лани е забележан и кај цената на растително масло.
„Меѓународните цени на сојата значително се намалија, поткрепени со изгледите за изобилство на производство на соја во Јужна Америка, додека големиот глобален извоз на масла од сончоглед и семе од репка ги намали нивните цени. Светските цени на палминото масло маргинално пораснаа во февруари поради сезонско пониско производство“, се наведува во извештајот на ФАО.
Спротивно на тоа, индексот на цените на шеќерот, месото и млечните производи бележат зголемување.
Цената на шеќерот забележа раст од 3,2% во февруари.
„Зголемувањето ја одразува постојаната загриженост за претстојното производство на Бразил по подолг период на потпросечни врнежи од дожд, како и прогнозираните падови на производството во Тајланд и Индија, двете водечки земји извозници“, оценува ФАО.
Цените на месото исто така пораснаа и тоа за 1,8% во однос на јануари, при што најмногу пораснаа цитатите за месо од живина, а по нив се оние за говедско месо, погодени од обилните дождови кои го нарушија транспортот на стоката во Австралија. Цените на свинското месо исто така благо пораснаа поради поголемата побарувачка од Кина и тесната ситуација со понудата во Западна Европа. Меѓународните цени на овчкото месо се намалија делумно поради рекордното производство по обновата на стадото во Австралија.
Зголемување од 1,1% е забележано и кај цените на млечните производи, што според ФАО е резултат на зголемената увозна побарувачка на путер од азиските купувачи. Магинално пораснаа и цените на млекото во прав и сирењето.
ФАО, исто така, објави нов извештај за понудата и побарувачката на житни култури, со што благо ја зголеми својата прогноза за вкупното светско производство на житни култури во 2023 година на 2 840 милиони тони што претставува зголемување од 1,1% во однос на претходната година, најмногу поради зголемената употреба на пченка и пченица за добиточна храна.
Исто така попорционално се зголемени и предвидувањата за глобалните залихи на житни култури за 30,9%.
Светската трговија со житни култури се предвидува да се зголеми за 1,3 отсто во однос на претходната година, поттикната од подобрените изгледи за извозот на пченка од Украина и зголемената побарувачка од Кина.
ФАО, исто така, ја објави својата прелиминарна прогноза за глобалното производство на пченица во 2024 година, одредувајќи го на 797 милиони тони, што претставува зголемување од 1,0 % од 2023 година.
„Поволните временски услови, исто така, ги поддржуваат очекувањата за зголемено производство на пченица во 2024 година во Руската Федерација, извозна сила, како и во Кина, Индија, Исламската Република Иран, Пакистан и Турција“, се наведува во Извештајот.
ФАО оценува дека конфликтите и неповолните временски услови го влошуваат гладот во 45 земји ширум светот за кои се проценува дека им е потребна надворешна помош за храна
„Конфликтите во Блискоисточна Азија и во Западна и Источна Африка предизвикуваат алармантно високи нивоа на најтешката фаза на акутната несигурност во храната“, се вели во извештајот.
Во него се искажува голема загриженост за ситуацијата на целото население на Појасот Газа во Палестина.
Распространетите суви временски услови се очекува да ја влошат несигурноста за храна во Јужна Африка.