Светска банка со 140 милиони евра ќе го поддржи проектот за брзо дејствување против ковид-19
Како што е соопштено со 50 милиони евра од Светска банка, ќе се поддржи мерката со која ќе се даде финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за исплата на плати во април и во мај.
Поддршката од Светска банка за земјава за справување со последиците од коронакризата ќе изнесува околу 140 милиони евра. Дел од средствата ќе се наменат за нов проект за брзо дејствување против ковид-19 во износ од околу 90 милиони евра, а останатите 50 милиони евра за мерката за „финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен“ за работодавачи и самостојни вршители на дејност.
Ова го соопшти министерството за финасии, кое информира дека за тоа се разговарало на виртуелните Пролетни средби на ММФ и Светска банка на кои учествувале вицепремиерката за економија Мила Царовска, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за финансии Нина Ангеловска и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
На состанокот учествуваше и наследничката на потпретседателот за Европа и Централна Азија на Светска банка Сирил Милер, Ана Бјерд, која од 1 мај ќе ја преземе неговата функција, по завршување на неговиот мандат.
Во разговорите покрај коронакризата, акцент бил ставен и на стабилноста на финансискиот систем, при што и овојпат е нагласено дека тоа мора и натаму да биде приоритет. Во тој контекст, одделно се разговарало за активностите и мерките на Народната банка што се однесуваат на стабилноста на банкарскиот систем.
Како што е соопштено со 50 милиони евра од Светска банка, ќе се поддржи мерката со која ќе се даде финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за исплата на плати во април и во мај. Аплицирањето за оваа мерка започнува од почетокот на мај.
„Освен финансиски, Светска банка учествуваше и советодавно во мерката, а препораките кои се базираа на технички анализи, искуства од претходни големи кризи, но и мислења собрани преку консултации со приватниот сектор, вклучително и во земјава, беа вклучени во главната рамка усвоена од страна на Владата“, стои во соопштението.
Новиот проект за брзо дејствување против последиците од ковид-19 кризата, во износ од 90 милиони евра се состои од две компоненти. Првата компонента за итен одговор, се однесува на зајакнување на здравствените капацитети со обезбедување на зголемување на капцитети за тестирање, техничка експертиза, лабораториска опрема, заштитна опрема, медицински помошни материјали и опрема, реновирање на здравствени установи, развој на системи за да се обезбеди навремено откривање на случаи и следење на контакт, во согласност со упатствата на Светската здравствена организација, како и финансирање на придонесот за здравствено осигурување за ранливи корисници. Втората компонента за поддршка на домаќинствата се однесува на обезбедување на поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од последиците од Ковид -19 и паричен надомест за оние кои ги изгубиле работните места како резултат на кризата.
На средбата беа разгледани и проекциите од последниот Регионален економски извештај на Светска банка, согласно кој се предвидува забавување на економиите на Западен Балкан меѓу -3 и -5,6%. Според Светска банка, земјава ќе има најмало забавување на економијата помеѓу -1,4% и -3,2%.