СВЕТОТ ВО ТРКА ПО БАКАР Европа финансира рудници за критични минерали, Македонија лежи на бакар, а нема со што да се пофали

Растот на производството на бакар во рудниците во светот во 2025 година изнесува 1,4%, наместо проектираните во април 2,3%. Меѓународната група очекува глобалната потрошувачка на рафиниран бакар во 2026 година да се зголеми за 2,1%, на 28,7 милиони тони.

706

Глобалниот пазар на рафиниран бакар ќе биде во дефицит во 2026 година. Ова е последниот заклучок на Меѓународната група за истражување на бакарот, во чиј последен Извештај се наведува дека побарувачката на светско ниво е далеку поголема од моменталното производство. Податоците покажале дека растот на производството на бакар во рудниците во светот во 2025 година изнесува 1,4%, наместо проектираните во април 2,3%. Од друга страна, Меѓународната група очекува глобалната потрошувачка на рафиниран бакар во 2026 година да се зголеми за 2,1%, на 28,7 милиони тони. Односно, раст од 3% во споредба со 2025 година.

„Се очекува Азија да продолжи да биде главен двигател на растот во глобалната економија, додека побарувачката во други важни области каде што се користи бакар, како што се Европската Унија и Јапонија, ќе остане помала“, пишува во Извештајот.






Поради „монополот“ на пазарот кој го има Кина за клучните минерални суровини, Европската Унија веќе распиша втор конкурс за финансиска поддршка за рудници на европско тло кој трае до 15 јануари. Брисел финансира ископ и преработка на литиум, бакар, кобалт, никел и други минерали без кои не е можна зелената транзиција. Поконкретно – изградбата на ветерници, соларни панели, електрични возила и друго. Македонија пак, не може да се пофали сериозна и значајна инвестиција во рударството во изминатите 40 години.

Сепак, додека светот, особено Европската Унија, трага по критичните минерални суровини рударската фела во Македонија и властите се обединети околу идејата дека модерното и еколошки одговорно рударство може да биде двигател на економијата во државата.

На последното одржано стручно советување, во организација на Здружението на рударски и геолошки инженери, беше истакнато дека македонското рударство треба да биде мост кон зелената транзиција и економската отпорност. Претседателот на Здружението, Горан Сарафимов во обраќањето нагласи дека оваа гранка не е само индустриска активност, туку и значаен двигател на економијата во Македонија. Тој потсети дека во последните две-три години има и силна поддршка од страна на Европската Унија за проекти коишто овозможуваат поддршка за дигитализација на индустриското производство.

– Да го направиме рударството да биде мост, мост којшто од индустријата од минатото ќе се стреми кон иновации, зелена транзиција и економска отпорност. Сигурен сум дека ќе ги искористиме нашите економски и геолошки рудни резерви коишто ги имаме во Македонија и ќе овозможиме додадена вредност. Односно, да имаме развој на циркуларни решенија за повторно користење на метали, наместо само извлекување и извоз на суровини. Тоа значи директно отворање на повеќе работни места, да имаме поголем број приходи и технолошки напредок за цели региони – порача Сарафимов.

Од друга страна, деканот на Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот во Штип, Ѓорѓи Димов го потенцираше значењето на металите и минералите за современиот свет.

– Живееме во ера на вештачка интелигенција, брз технолошки развој, дигитализација, обновливи извори на енергија, електрични возила, напредна електроника. Сите овие достигнувања имаат една заедничка основа, а тоа се минералните суровини. Модерното рударство претставува темел без кој нема напредни технологии, нема енергетска транзиција, нема одржлив развој. Но, ова рударство мора да биде интелигентно, еколошки одговорно и насочено кон иднината. Металите и минералите се срж на енергетската транзиција, дигиталната економија и инфраструктурниот развој. Во иднина на рударството нема да се гледа како на тешка индустрија, туку како на стратешки партнер за одржлива и технолошки напредна цивилизација – истакна универзитетскиот професор Димов.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оцени дека одржливото рударство ќе биде двигател на економијата.

„Новите технологии денес овозможуваат почиста, побезбедна и поефикасна експлоатација на ресурси, но вистинската одржливост започнува со луѓето – со едукација, поддршка на младите и вложување во нови генерации подготвени за иднината. Одржливото рударство е процес што бара знаење, управување и транспарентност. И токму таму е нашата заедничка одговорност – да создадеме сектор што ќе биде двигател на економијата и чувар на природата“, напиша на социјалните мрежи министерката Сања Божиновска.

Во оваа насока беше изготвен и текст на нов Закон за рударство и за геологија, кој се очекува да овозможи нови инвестиции во рударството, кои ќе подлежат на стриктни контроли и употреба на современи технологии. Предлагачите истакнаа дека законите ќе ги усогласат домашните стандарди во рударството со оние на Европската Унија. Дополнително, ќе се одобруваат стратешки проекти во рударството и ќе се креира Листа на критични минерални суровини кои ги има во државата, со што ќе се фати тек во глобалната потрага по металите коишто исчезнуваат.

Поврзани содржини