СВЕТОТ ВЛЕГУВА ВО ЕРА НА ПРЕЗАДОЛЖЕНОСТ До 2029 година глобалниот долг може да достигне дури 123% од глобалниот БДП
Во својот последен Фискален монитор, ММФ предупредува дека растечките трошоци за сервисирање на долгот ги оптоваруваат државните буџети, додека трошоците за одбрана растат во исто време, а стареењето на населението дополнително го зголемува притисокот врз финансиите.
Светскиот јавен долг би можел да надмине 100% од глобалниот домашниот бруто производ до крајот на оваа деценија, што би било највисокото ниво на долг од 1948 година, по Втората светска војна, според извештај објавен денеска од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Во својот последен Фискален монитор, Фондот предупредува дека растечките трошоци за сервисирање на долгот ги оптоваруваат државните буџети, додека трошоците за одбрана растат во исто време, а стареењето на населението дополнително го зголемува притисокот врз финансиите.
Постои ризик глобалниот јавен долг да достигне дури 123% од глобалниот БДП до 2029 година, забележува ММФ.
Во извештајот се наведува дека периодот на евтино задолжување, кој траеше помеѓу глобалната финансиска криза и пандемијата на коронавирусот, е завршен, а трошоците за сервисирање на долгот веќе ги оптоваруваат буџетите.
– Каматните стапки значително се зголемија на глобалните пазари, а нивниот иден пат е многу неизвесен – додаваат авторите на Фискалниот монитор.
Фондот, исто така, нагласува дека значителен дел од владините трошоци одат на плати – во просек 25% во развиените економии или 28% во земјите во развој.
Кога националниот долг е веќе на високо ниво, ваквите фиксни трошоци го ограничуваат фискалниот простор на владите, бидејќи голем дел од буџетот е веќе врзан за овие ставки однапред.
Според најновиот извештај вкупниот долг – кој вклучува јавен, корпоративен, финансиски и долг на домаќинствата – достигна 337,7 трилиони долари на крајот од вториот квартал од 2025 година, што е зголемување од над 21 трилион долари во однос на првата половина од годината.
Оваа бројка е многу пати поголема од глобалниот БДП, кој се проценува на околу 110 до 115 трилиони долари, така што глобалниот долг сега изнесува дури 324% од светското економско производство. Иако е малку понизок од врвовите на пандемијата, овој сооднос сепак покажува колку е задолжена светската економија.
Јавниот долг е главен двигател на растот и сега надминува 102 трилиони долари. Најголем придонес имаат земјите од Г7, кои продолжуваат да бележат високи дефицити поради постпандемиската потрошувачка и трошење за енергетска транзиција.
Во исто време, земјите во развој се соочуваат со рекордни долгови – вкупно над 109 трилиони долари, што е 242,4% од нивниот БДП. Кина, Индија, Бразил и Полска забележаа најголеми номинални скокови, главно поради инфраструктурни проекти и економски стимулации.
Оваа недела, министрите за финансии и гувернерите на централните банки се среќаваат во Вашингтон на годишните состаноци на ММФ и Светската банка, каде што, меѓу другото, се дискутираат опциите за политика за стимулирање на економскиот раст и напредокот во борбата против инфлацијата и растечкиот долг.