Светот инвестира милијарди евра преку јавно-приватно партнерство, земјава стигна до нацрт-закон
Според Светска банка, само во 2019 година инвестициите преку ЈПП на глобано ниво достигаа 96,7 милијарди евра преку 419 проекти во 62 земји во светот.
Министерството за економија со помош на експерти од Светска банка го подготви првиот Предлог-закон за јавно-приватно партнерство (ЈПП) во земјава, чија главна цел е да се зајакне улогата и надлежностите на Министерството како силен надзорен субјект, во реализацијата на ваквите проектите во текот на целиот нивен процес, почнувајќи од самиот почеток па се до истекот на договорите, информира ресорниот министер Крешник Бектеши.
Предлог- законот, изработен со Светска банка и со поддршка на Британската амбасада во рамки на проектот „Зајакнување на правната рамка и политика на ЈПП и концесии во Република Северна Македонија“ започнат во јули 2019 година.
-При подготовка на оваа регулатива во изминатиот период како надлежно министерство бевме во постојана комуникација со стопанските комори и со бизнис заедницата со цел да имаме правна рамка која ќе биде во интерес на сите засегнати страни, да се дефинираат и разјаснат проблемите со кои се соочуваа досега кај јавното приватно пратнерство, за да се подобрат можностите за користење на приватниот сектор за навремена испорака на поефикасни и поквалитетни јавни услуги – рече Бектеши.
Тој додаде дека заедно со ИТ експерти од Светска банка, е работено и на единствен систем/софтвер за Министерството за економија каде што ќе се води регистер на сите склучени јавно-приватни договори.
Шефот на канцеларијата на Светска банка Масимилијано Палоучи во онлајн обраќање рече дека ЈПП игра конструктивна улога во развојот на една земја и може да ги подобри квалитетот и ефикасноста на трошоците на јавните услуги. Потенцира дека клучните земји во ЕУ имаат добри примери за користење на ЈПП и концесиите.
– Според Светска банка само во 2019 година инвестициите преку ЈПП на глобано ниво достигаа 96,7 милијарди евра преку 419 проекти во 62 земји во светот. ЈПП многу ретко преставуваат повеќе од 10 проценти од владините инвестиции на годишно ниво и тие се само дополнување на традиционалните јавни инвестиции – рече Палоучи.
Британската амбасадорка Рејчел Галовеј посочи дека нејзината земја има големо искуство за партнерство на Владата и приватниот сектор во доставување услуги на народот кое, како што кажа, е подготвена да го сподели со земјава.
– Искуството и советите на Светската банка кои ги содржат најдобрите светски практики ќе обезбедат оптимален модел на ЈПП за земјата – рече Галовеј.
Според неа, ваквите проекти значат ризик, но многу од овие проекти се успешни насекаде во светот, иако има и некои со големи пропусти. Затоа треба да се постават обвски за јавниот и приватниот сектор кои треба да ја подобрат ефективноста на ваквите проекти.