СВЕТА ВОЈНА ПРОТИВ НАЦИ-НАРКОМАНИТЕ Медведев вели дека Москва ќе ги испрати непријателите во Адот
Според поранешниот руски претседател руското оружје е вистина бидејќи целта на Русија е животот, додека целта на Сатаната се смртта и лагата.
Војната на Русија е „света војна против Сатаната“, а Москва ќе ги испрати „нацистичките наркомани“ во Пеколот, Адот наречен „Геена“. Вакви библиски пизми испрати некогашниот руски претседател Дмитриј Медведев на Твитер, познат по силните изјави за Украина.
„За што се бориме? Русија е огромна и богата земја. Не ни е потребна туѓа територија, имаме сѐ во изобилство. Но тука е нашата земја, која нам ни е света, на која живееле нашите предци и на која денес живее нашиот народ. И која никому не ја даваме. Ние го штитиме нашиот народ. Се бориме за сиот наш народ, за својата земја, за својата илјадагодишна историја“, напишал Медведев на „Телеграм“ па објаснил кои се непријатели на Русија.
„Кој се бори против нас? Се бориме против оние кои нѐ мразат, кои го забрануваат нашиот јазик, нашите вредности, па дури и нашата вера, кои шират омраза кон историјата на нашата Татковина.
„Против нас денес е дел од светот кој умира. Група луди нацистички наркомани, дрогирани и исплашени луѓе и голема глутница на кучиња кои лаат од западните одгледувачници. Тие немаат вера и идеали, имаат самоизмислени непристојни навики и двојни стандарди и негирање на моралот на нормалните луѓе. Затоа, застанувајќи против нив, стекнавме света моќ“, рекол Медведев.
Според поранешниот руски претседател руското оружје е вистина бидејќи целта на Русија е животот, додека на Сатаната се смртта и лагата.
„Имаме можност да ги пратиме сите непријатели во огнената Геена, но тоа не е нашата задача. Ги слушаме зборовите на Создавачот во нашите срца и се покоруваме. Овие зборови ни даваат света цел. Целта е да се сопре врховниот лидер на пеколот, без разлика кое име го користи – Сатана, Луцифер или Иблис. Бидејќи неговата цел е смрт. Нашата цел е живот. Неговото оружје е лага. Нашето оружје е вистина“, заклучил Медведев.
Тој во твитот наведува и дека доаѓа време на рушење на „скапаниот светски поредок“ кога многу земји, кои сега се во страв, ќе се разбудат.