Свештеник на МПЦ-ОА нападна новинар на погреб пред ужалената родбина

Кога на свештеникот му се претставив дека сум новинар од Плусинфо настана целата мешаница. Свештеникот започна да ми дели навреди пред сите присутни, вклучително и пред расплаканата ми мајка, вели Богатиноски.

6,718

Денеска, точно напладне, додека го закопувавме мојот дедо на гробиштата во Ѓорче Петров, свештеникот од црквата „Свети Илија“ во Скопје, кој по автоматизам, без право на избор од наша страна, беше повикан да го опејува покојникот, вербално ме нападна пред сите присутни, навредувајќи ме мене и мојот медиум, раскажува нашиот новинар Мартин Богатиноски.

Инцидентот избил откако новинарот побарал објаснување од попот зошто не е дозволено свештеник од Православната охридска архиепископија (ПОА) да го испрати покојникот во вечното почивалиште, со оглед на тоа што тоа било желба на најблиските.






– Кога најпрво отидовме да го закажеме погребот, вработените во погребалното ни кажаа дека свештеникот мора да биде од МПЦ-ОА, оти, ќе си направиме проблеми ако тој биде од ПОА. Ги прашав дали свештеникот мора да биде од МПЦ и доколку покојникот е католик, но тие ме замолија таквото прашање да му го поставам на попот пред или по погребот. И така направив. Го закопавме дедо ми, нека му е вечна слава, па на свештеникот му се претставив дека сум новинар од Плусинфо и му го поставив истото прашање. Но, тука настана целата мешаница. Кога го слушна моето име и името на мојот медиум, свештеникот започна да ми дели навреди пред сите присутни, вклучително и пред расплаканата ми мајка – вели Богатиноски.

Тој вели дека одговор на новинарското прашање не добил, но затоа, пак, додава тој, добил сочни навреди за кои не верувал дека некогаш би можел да ги чуе од устата на еден свештеник, па макар тоа бил и расколник.

– Попот многу се вознемири кога слушна каде работам, па веднаш ме нападна дека ние новинарите од Плусинфо сме задртени новинари, што и да му значеше тоа. Потоа, рече дека сме предавници, неверници и продадени души, наведувајќи колку му пречи тоа што на Плусинфо се објавувале бројни текстови против МПЦ-ОА. Го спомна и архиепископот Јован кон кого исто така упати погрдни зборови. И сето тоа пред очите на моите најблиски. И сето тоа пред гробот на мојот штотуку закопан дедо. Ми понуди да ми го врати парите што претходно му ги даде мојата мајка за услугата, но секако, одбив. Го замолив да му ги даде на првиот сиромашен што ќе го сретне на патот кон црквата. Тоа дополнително го налути, па со крупни чекори, газејќи врз останатите гробови, ги напушти гробиштата – објаснува Богатиноски.

Тој очекува од новинарските здруженија да реагираат, а реакција и осуда за таквото несоодветно однесување на свештеникот, очекува и од МПЦ-ОА.

Поврзани содржини