Сведокот Александар Василевски – Нинџа тврди: Од штабот на ВМРО-ДПМНЕ беа дадени сите наредби за 27 април
Во штабот на ВМРО-ДПМНЕ се координираше целата акција на 27 април 2017 година, рече во своето сведочење Александар Василевски – Нинџа, на денешното рочиште за судскиот предмет за организаторите на крвавиот настан во Собранието.
– На 27 април околу 17,30 Спиро Ристовски ми се јави и ме праша како е состојбата. Се вратив во Дион и околу 18,03 со Веле Петрушевски, се упативме во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Петрушевски остана во бифе. Јас се качив на 8 кат. Таму имаше една сала за состаноци, каде ги видов Митко Чавков, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски, Билјана Бришкоска.Чавков ме гледаше како да ме праша што барам тука, а јас го чекав Сашо Мијалков, но тој не беше таму. Од таму беа дадени сите наредби за 27 април – изјави Василевски.
Во штабот на ВМРО-ДПМНЕ некаде околу 18,30 влезе Владимир Атанасовски, сведочеше Василевски.
– Од штабот тргнав некаде 19.05. Владимир Атанасовски облечен во тренерки ми даде насоки да известам. Пешки со Веле Петрушевски пред триумфална капија ги видов многу припадници од прикриен тим. Горан Грујоски имаше прикриен тим од 25 до 30 лица, ми се закануваа да не се предадам дека ќе завршам како Коста Крпач – изјави Нинџа.