Од распитот во Специјалното јавно обвинителство, членот на ВМРО-ДПМНЕ Лазар Настевски од Кочани, разбрал дека во изборните кампањи во 2011 и 2013 година, за оваа политичка партија два пати донирал по 60 илјади денари.
Давајќи исказ во Кривичниот суд, тој рече дека преку банка извршил неколку уплати за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително овој сведок денеска истакна дека во штабот на партијата потпишал уплатница само во графата на име и презиме, односно лични податоци, и ја оставил таму.
– Не се сеќавам по кое барање беше тоа. Во штабот ниту еден од присутните во судница не беше – рече сведокот.
Свој исказ на денешното рочиште за „Титаник” имаше и Елида Кецкаровска од Скопје, која пред Кривичниот совет рече дека е невработена, односно никогаш не била вработена и дека ниту еднаш за никоја политичка партија не донирала, ниту еден железен денар.
– Познато ми е дека постои уплатница во вредност од 60 илјади денари платено за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Но тоа уплатница не е моја. За оваа работа разбрав кога бев повикана во СЈО, тие ми ја предочија уплатницата во оргинална форма – изјави сведокот Кецкаровска, која уште додаде дека со ниту еден од обвинетите не се познава.
Во меѓувреме во судница се појави и сведокот Анета Каровчева од Скопје, која како и претходниот сведок кажа дека прв пат разбрала дека е во листа на донатори за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, кога била повикана во СЈО.
Следното рочиште за предметот „Титаник” е закажено на 13 април.
Овој случај за изборни нерегуралности го застапува обвинителката Лиле Стефанова, додека судскиот предмет го води судијата Осман Шабани.
Во „Титаник“, освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Кирил Тодоровски и други. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.