СВЕДОЦИТЕ ВЕЌЕ ГИ ОТКРИЈА ВИСТИНСКИТЕ ВИНОВНИЦИ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ Има ли намера Јавното обвинителство да престане да „лута“ барајќи и виновници без вина?

Сведочењата потврдија дека дискотеката „Пулс“ претрпела фатални внатрешни реконструкции на своја рака, кои ја претвориле во смртоносна стапица. Тоа и непрофесионалното ракување со пиротехниката се клучни причини за трагеидјата. Секое натамошно ширење на истрагата кон периферни административни фигури само го разводнува случајот.

679

Вчерашното рочиште на судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ извади на виделина морничави детали кои укажуваат дека не само што објектот работел со системски пропусти, туку претрпел и значителни градежни интервенции – реконструкции кои никогаш не биле пријавени, немале дозвола и директно придонеле за масовноста на трагедијата. Исказите на сведоците, особено на преживеаните и на вработените, скицираат слика на објект каде „естетиката“ и профитот добиле предност пред елементарната безбедност, претворајќи го клубот во затворен кафез.

Реновирање кое ги затворило патиштата за спас






Клучната теза што јасно произлегува од досегашниот тек на доказната постапка е дека „Пулс“ физички се изменил на начин што го оневозможил спасувањето. Сведокот Петар Марковски, редовен посетител на клубот повеќе од седум години, пред судот откри дека во објектот постоел излез на задната страна, лево од бината. Овој излез во претходните години бил функционален и се користел како помошен излез, но по реновирањето на дискотеката, ситуацијата драстично се променила.

Според Марковски, по реконструкцијата, тој излез бил буквално покриен со сепариња, визуелно затскриен и де факто станал нефункционален како евакуациски пат. Она што требало да биде „излез за спас“, сведоците го опишуваат како „излез за малолетници“ – врата што се користела исклучиво за криење и извлекување на деца кога имало полициски рации, а не за безбедност на гостите.

Плафон од „сунѓер“ – гориво за пеколот

Вториот смртоносен зафат при реновирањето бил таванот. Истиот сведок, Марковски, посочи дека по реновирањето плафонот бил спуштен значително пониско и бил обложен со специфичен материјал – сунѓер. Оваа архитектонска измена се покажала како фатална.

Во моментот кога огнените прскалки биле активирани на бината, пламенот, поради нискиот плафон, веднаш го зафатил сунѓерот. Марковски опиша дека „се гледаше сунѓерот како гори“ и дека пожарот се проширил со екстремна брзина, буквално за неколку секунди. Оваа „реконструкција“ практично го елиминирала времето за реакција, создавајќи услови за моментално ширење на огнот и густиот чад кој подоцна се покажа кобен за многумина.

Импровизирана пиротехника и отсуство на стручни лица

Сведочењата фрлија светло и врз начинот на кој се управувало со пиротехниката – целосна импровизација. Сведокот Дејан Манасиев, кој работел како шанкер, потврди дека за употребата на пиротехника вообичаено доаѓало специјализирано лице од Скопје, со возило означено за пиротехника. Меѓутоа, кобната вечер, тој човек не бил присутен во „Пулс“.

Никој од сослушаните сведоци не знаеше да каже кој ја донел и кој ја активирал пиротехниката таа вечер. Ова укажува дека опасните материи биле оставени во рацете на нестручни лица. Кога огнот избувнал, сопственикот Дејан Јованов – Деко се качил на бината и се обидел да го гаси пожарот со противпожарен апарат, но тоа било хаотичен и задоцнет обид, без организирана координација.

Персоналот – без договори, без обука, без план

Системската негрижа се гледа и преку статусот на вработените. Шанкерот Манасиев призна дека со години работел без договор за вработување, а дури во 2023 година бил пријавен на половина работно време. Вработените биле ангажирани „ад-хок“, добивајќи дневница на рака.

Уште позагрижувачки е фактот што персоналот немал никаква обука за справување со пожар, евакуација или вонредни ситуации. Иако постоел план за евакуација „на хартија“, закачен во мал ходник, во реалноста никој не знаел што да прави. Манасиев наведе дека видел два или три противпожарни апарати во објектот, но не можел да потврди дали биле функционални , а функционален хидрант воопшто не забележал ниту внатре, ниту пред објектот.

Хаосот на евакуацијата: Само еден глас за спас

Во моментот на катастрофата, отсуството на протоколи било очигледно. Дел од посетителите во првите секунди не сфатиле дека станува збор за пожар, мислејќи дека огнот е дел од сценскиот ефект, па дури и снимале со телефони.

Единствениот јасен и присебен повик за евакуација дошол од микрофонот на пејачот на групата ДНК, Панчо. Сведокот Стево Манасиев (поранешен диџеј) и третиот сведок потврдија дека „никој освен Панчо не повика да се напушти Пулс“. Немало организирана интервенција од обезбедувањето или персоналот да ја насочат толпата.

Поради нефункционалните и скриени излези (како тој зад бината) и преголемиот број луѓе во паника, настанало стампедо кон единствениот познат главен влез. Сведоците опишуваат како газеле преку луѓе, соблекувале патики за да се извлечат од натрупаните тела, додека „помошната врата“ останала нем сведок на една трагедија што можела да биде спречена доколку реконструкцијата не била поважна од човечките животи.

Обвинителството има „планина“ од докази за директната вина – дали е потребно да се лута понатаму?

Сублимирајќи ги морничавите сведоштва од судницата, станува јасно дека Јавното обвинителство во раце држи цврст и нераскинлив синџир на докази, кои недвосмислено водат кон директните причинители на трагедијата. Во овој случај, не е потребна длабока правна филозофија или апстрактни вештачења, за да се поврзе причината со кобната последица, бидејќи сведоците веќе ја исцртаа мапата на вината.

Комбинацијата од запалив сунѓер на таванот (свесно вграден несоодветен материјал), блокиран евакуациски излез (свесно пренаменување на безбедноста во профит) и нестручно ракување со пиротехника (директно предизвикување општа опасност) го чини битието на кривичното дело кристално јасно. Ова не се „системски пропусти“ на некој административец затрупан со документи во Скопје, туку конкретни, опипливи и свесни дејствија на терен кои директно убиваат.

Со ваков обем на докази за тоа како објектот физички бил претворен во стапица и како било управувано со него, Обвинителството има „на тацна“ сервиран случај за директна умисла и небрежност. Секое натамошно ширење на истрагата кон периферни административни фигури, додека главните фактори за смртта (плафонот, вратата, пиротехниката) се толку очигледни, само би го разводнило процесот.

Прашањето повеќе не е „што се случило“, туку дали правосудството ќе има храброст да ја лоцира и санкционира оваа брутална, директна вина која сведоците веќе ја посочија со прст.

Поврзани содржини