СВЕДОЦИТЕ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО „РАСТУРААТ“ ОБВИНИТЕЛНИОТ АКТ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ Вистината за пожарот во дискотеката „Пулс“ сама се пробива на виделина
Наместо потврда на тезата за „системска одговорност“ низ децениите, последното судско рочиште донесе серија признанија за нелегални текови и оперативни пропусти непосредно пред трагедијата во дискотеката во Кочани, кои наметнуваат потреба од ревизија на обвинителниот акт.
Судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој веќе подолго време ја бранува македонската јавност, влезе во фаза која може да означи пресвртница за крајниот исход на постапката. Додека Јавното обвинителство со месеци се обидува да ја одржи поставената теза за „верижна одговорност“ што се протега дури 15 години пред настанот, последните сослушувања на сведоците, кои кои, според судската постапка, се предложени токму од обвинителството, донесоа сосема поинаков наратив.
Обвинителството не успева расправата да ја фокусира на административни пропусти од минатото, за да ја докаже клучната теза во обвинителниот акт. Напротив, на последното рочиште во судницата се слушнаа искази што упатуваат и на нелегална набавка на пиротехника, отсуство на контрола и техничка импровизација во самиот објект во кобната ноќ на 16 март 2025 година.
Признанијата на Игновски отвораат нови правни проблеми за Обвинителството
Централна фигура на рочиштето во понеделникот на 9 март беше сведокот Горан Игновски, сопственик на фирмата „Чкаља“ од Кисела Вода, кој со својот исказ отвори сериозни прашања за тоа кој, всушност, треба да седи на обвинителната клупа. Игновски, со 34-годишно искуство во сервис на сценска опрема, пред судот изнесе искрен и човечки исказ, со детали што отворија сериозни прашања, давајќи податоци кои можат да бидат дури и на негова директна правна штета. Тој јавно призна дека околу една и пол година пред пожарот, лично и нелегално внел од Бугарија околу 100 „топли прскалки“ од брендот „Тропик“, кои потоа ги продавал без никаква соодветна дозвола за промет со експлозивни материи.
Она што е клучно за предметот е неговото тврдење дека осум такви патрони му продал на членот на групата ДНК, Мартин Атанасовски – Буцо, а претходно и куферче за далечинска активација на Владимир Блажевски – Панчо. Игновски објасни дека вечерта, на кобниот настан не биле користени неговите прскалки, кои биле со домет од 1 до 2 метри, По прегледувањето на снимките од „Пулс“, тој децидно потврди дека во објектот биле употребени несоодветни средства со домет над 3 метри, кои се продаваат на Бит пазар и се наменети исклучиво за надворешна употреба. Ова сведочење директно укажува дека изворот на опасноста е во нелегалниот пазар на пиротехника и во нејзиното нестручно користење, а не во архивските документи на Министерството за економија, на пример.
Реакцијата на обвинителот како одраз на процесна несигурност
Во текот на рочиштето, се забележа невообичаена динамика, при што јавниот обвинител Дарко Јакимовски влезе во вербална полемика со сопствените сведоци и со одбраната, обидувајќи се да го одржи фокусот на обвинението, кога стана јасно тој се губи под тежината на новите факти искажани од неговите сведоци. Кога адвокатите Софија Лаличиќ и Петре Шилегов укажаа на фактот дека сведокот Игновски признал шверц и пуштање во промет на опасно средство, обвинителот реагираше со теза дека примарна причина за смртта не е самата активација на пиротехниката. Тој објасни дека причина за смртта на настраданите во Кочани не е пожарот, туку немањето услови за евакуација, односно, објектот дека имал само една врата – иако сведоците повеќе пати потврдуваат дека објектот имал три врати, од кои дел не биле функционални.
Ваквиот став на обвинителот во оваа фаза од постапката е симптоматичен. Ако Јавното обвинителство сега тврди дека вратите и немањето излези во 2025 година се клучниот фактор за загубата на 63 животи, тогаш логички се наметнува прашањето – зошто на обвинителната клупа се наоѓаат десетици луѓе обвинети за административни дејствија од пред повеќе од една деценија. Оваа промена во фокусот на обвинителот, според експертската јавност, може да се прочита само како обид за „панично“ преструктурирање на обвинението среде доказната постапка, со што само се потврдува тезата на одбраната дека обвинителниот акт на самиот почеток е „криво насаден“. А нешто што е криво насадено, нели, не може да никне право …
Претходни инциденти и отсуство на контрола
Исказот на Игновски разоткри и дека групата ДНК, според негови информации добиени од колеги, веќе имала претходен инцидент на настап во клубот „Де Факто“ во Гевгелија, каде со употреба на истиот тип прскалки биле запалени платно и звучници.
Дополнително на ова, сведочењето на сметководителката Кристина Коневска, која соработувала со агенцијата за обезбедување „Рубикон“, ја отвори дилемата и за оперативната безбедност на клубот во Кочани. Таа тврди дека во нејзината евиденција никогаш не се појавил материјален документ или фактура што би потврдила официјална деловна соработка меѓу „Рубикон“ и „Пулс“.
Дирекцијата за заштита и спасување без инспектор, но и без законска можност да изврши надзор?!
Особено значаен беше исказот на вработената во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Кочани. Таа пред судот изјави дека во нејзината служба никогаш не била примена никаква документација поврзана со дискотеката „Пулс“. Она што е уште попоразително за државниот систем е фактот што подрачното одделение во Кочани со години немало инспектор за заштита и спасување, а од 2024 година таа останала единствената вработена во службата, заедно со архиварка која подоцна заминала.
Овој факт, пак, води кон дилемата што подателно ќе ја отвориме во некоја од следните анализи, но вреди и сега да се спомне. На обвинителна клупа седи и Шабан Салиу, директор на ДЗС од 2008 до 2017 година. Во негово време, во кочанската подрачна единица на ДЗС имало до 6 вработени (како и во поголем број општини во Источна Македонија). Пожарот се случил речиси цели 9 години по неговото напуштање на директорската фотелја. Дополнително, во периодот кога Салиу е прв човек на ДЗС, кочанската дискотека е право непостоечки објект.
Единствената вработена во подрачната единица на ДЗС во Кочани сведочеше дека Општината, според законската регулатива, нема ниту право, ниту обврска, да врши инспекциски надзор во делот на противпожарната заштита, ниту пак може да назначува такви инспектори. Во исказот пред судот, таа нагласи дека општинските инспектори за градежништво, сообраќај или екологија немаат ингеренции да го заменат надзорот кој е во исклучива надлежност на централните власти преку ДЗС.
Ваквиот точен исказ го урива обидот на Обвинителството да ја лоцира вината кај локалните власти, со оглед на тоа што клучниот државен орган за безбедност во Кочани бил кадровски руиниран и функционално блокиран.
Но, допрва ќе се расправа и за прашањето кој во ДЗС, всушност, имал стварна надлежност да врши и да организира инспекциски надзор на целата територија на земјата. Според словото на законите, тоа е Генералниот инспектор на ДЗС, а не директорите на оваа институција. Но, дури и тука има многу битно правно ограничување детал – Генералниот инспектор може да врши контрола само над објекти за кои е известена ДЗС. А Дирекцијата никогаш не била известена дека постои објектот „Пулс“!
Не е единственото, но е прашање кое боде очи – што бара тогаш Шабан Салиу на обвинителната клупа?!
Се наметнува потребата од храбар правен рез
Како и да е, последното рочиште уште еднаш отвори сериозни дилеми за тоа дали сегашната поставеност на обвинението во целост го следи тежиштето на фактите што излегуваат во доказната постапка – и тоа во фаза кога сведочат сведоци на Обвинителството. Веќе станува сè појасно дека обемот на предметот и широкиот опфат на различни нивоа на одговорност ќе придонесат за правно неодржлив исход, или ќе создадат дополнителен товар за самата постапка. Искуството ја јавноста со претходни обемни процеси покажува дека кога обвинението е премногу широко поставено, расте ризикот постапката да се усложни до степен што ќе ја оттурне од јасна и ефикасна разрешница.
Нема дилеми дека и сведоштвата што ќе ги слушнеме на следните рочишта ќе покажат дека е неопходно да се тргне во друга насока – кон многу попрецизна индивидуализација на одговорноста и кон фокусирање на обвинителниот акт кон директните причинители на трагедијата. Од тоа, во голема мера, ќе зависи дали процесот ќе ги исполни и очекувањето на семејствата на 63 жртви, на повредените и на другите засегнати во разумен рок да се дојде до правна разрешница што ќе може да ја издржи и проверката на фактите.