СВЕДОЦИТЕ НА МЕРКО РЕКОА ДЕКА „АУДИТО“ ОД 66.000 ЕВРА Е НАБАВЕНО ЗАКОНСКИ Купиле скапо општинско возило од навика, оти и претходните биле скапи

Сведокот Ерканда Балута, вработена во Општината, а според дел од медиумите, и внука на Мерко, рече дека процедурата за набавка на возилата била целосно испочитувана, а одлуката за набавката ја донел Советот на Општината.

3,384

Набавката на 4-те општинските возила, меѓу кои и на луксузното „ауди а6“ од 66.000 евра била законска, сведочеа денеска сведоците на одбраната на градоначаликот на Струга, Рамиз Мерко. Тие беа обезбедени како сведоци во Основниот суд Струга со полициска асистенција, затоа што, од разни причини, не доаѓаа на претходните рочишта.

На Мерко му се суди за злоупотреба на службената положба и овластувањата за набавката на „аудито“, која е извршена во 2018 година, во услови на блокирана општинска сметка.






Сведокот Ерканда Балута, вработена во Општината, а според дел од медиумите, и внука на Мерко, рече дека процедурата за набавка на возилата била целосно испочитувана. Одлуката за набавката ја донел Советот на Општината. Според Балута, на јавната набавка бил избран најповолниот понудувач, а биле купени 3 воила „шкода“ и луксузното „ауди“.

Обвинителот праша како се утврдила потребата за набавка на луксузно возило од 66.000 евра и според кои критериуми биле користени, Балута, која била член на Комисијата за набавки, рече дека имало спецификација. Таа додаде и дека возилата од претходниот возен парк на Општина Струга биле „ауди“ и „мерцедес“ со висока вредност.

Алија Ајдиновски, сведок на одбраната и вработен во Општина Струга, како претседател на Комисијата за јавни набавки рече дека постапката била водена согласно планот за набавки и согласно Законот за јавни набавки. Тој додаде дека имале 2 понуди и ја одбрале најповолната.

Лилјана Стојанова од Скопје, поранешна вработена во Државен завод за ревизија (ДЗР), а сега пензионерка, како дел од тимот кој вршел ревизија во 2019 година за работата на Општината во 2018 година кажа дека била помошничка на главниот државен ревизор, а на терен биле други колеги.

– Не знам по кој основ сте ме предложиле за сведок. Требаше да се обратите во институцијата, а таа ќе определи кој може да биде сведок. Под стрес сум, првпат влегувам во суд, сум била дел од над 200 извештаи. При ревизија се контролираат 4 сметки, особено сметката за Основен буџет. Ревизијата се прави по методологија по меѓународни стандарди. Во услови на блокирана сметка, претседателот на суд дава одобрение за функционирање на општина и за одобрен месечен лимит. Даден е лимит од 50 милиони денари месечно, а за 12 месеци вкупно лимитот бил поголем од вкупниот буџет на Општината во тоа време – кажа Стојанова.

Според ревизорскиот извештај за 2018 година, Општина Струга од Основниот суд Струга побарала да ѝ се зголеми минимумот месечни средства за извршување на основната дејност, затоа што во последните  години се променети условите за работа. Општината приложила и вештачење, па врз основа на барањето и вештачењето претседателот на струшкиот суд определил месечен лимит од 50.425.000 денари (820 илјади евра) како месечен износ неопходен за вршење на дејноста. Годишно тоа се 605.100 илјади денари (9,8 милиони евра), што е повеќе од општинскиот буџет.

Судијата Јордан Јованов кажа дека се исцрпени вербалните докази, изведени се и материјалните докази со што на следното рочиште на 9 јуни ќе следат завршните зборови на Обвинителството и на одбраната.

Во Основниот суд во Струга денеска се одржува и рочиште против Мерко за поставувањето на спомен-плочата на општинската зграда. Според обвинението, тој лани во март поставил спомен-обележје, плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга. Со плочата се слави фашистичката окупација на Струга во 1941 година, од страна на фашистичка Италија и Кралството Албанија. Со тоа сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, според кој, може да добие затворска казна до 5 години.

За утре се закажани 3 судења против Мерко за предмети за незаконско поставување на директори во струшките училишта.

Против Мерко се поднесени вкупно 9 обвиненија, за кои има активни судски постапки, а во секоја му се заканува и затворска казна, но до денес нема ниту една пресуда.

Тој е на црната листа на САД од 2023 година, поради вмешаност во корупција.

Поврзани содржини