СВЕДОЦИ СМЕ НА УШТЕ ЕДНО РАЗОЧАРУВАЊЕ ОД ЕУ Митева потсети дека Заев ветувал членство, а завршивме како најкорумпирани во ЕУ
Владата на СДСМ не ја кажуваше вистината за ова прашање години наназад. СДСМ ја штити својата власт со криминал наместо со владеење на правото. За сето ова ние како политичка партија предупредувавме целиот период наназад, рече Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Владата на СДСМ со години манипулира со граѓаните за ова прашање, добивме дури четири датуми. Заев го ветуваше членството во ЕУ, а завршивме како најкорумпирани во ЕУ. Завршивме и како најсиромашни, изјави денеска на прес конференција Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
– Владата на СДСМ не ја кажуваше вистината за ова прашање години наназад. СДСМ ја штити својата власт со криминал наместо со владеење на правото. За сето ова ние како политичка партија предупредувавме целиот период наназад. Сведоци сме на уште едно разочарување на патот кон ЕУ. Македонија се соочува со нови предизвици и препреки. Во завчерашната објава на агенцијата „Ројтерс“ ноторно е дека Европската Унија не се согласува со гаранции за членство на земјите од Балканот во Унијата, повикувајќи се на интерен документ. Зад овие заклучоци има две работи кои се факти, и тоа: прво, можниот отпор за проширување од некои членки на Унијата е затоа што РМ во изминативе години не напредува. И второ, Македонија не напредува затоа што со оваа Влада тоа е невозможно. Во Република Македонија има висока перцепција за корупција, 111-то место сме на ова поле! Реформи во правосудниот систем нема, владеењето на правото е селективно и во корист на власта, а заедно со реформите во јавната администрација требаше да бидат приоритет согласно добиените извештаи – рече Митева.
Таа нагласи дека реформи недостасуваат во секој сегмент, во економскиот, образованиот, здравствениот, социјалниот и во локалниот.
Таа повтори дека министерката за одбрана Радмила Шекеринска, само неколку часа по објавувањето на, како што рече, отрезнувачкиот текст на Ројтерс, рече дека ЕУ станала многу тешка за менаџирање и дека евентуалното проширување со уште пет или шест земји би создало дополнителен хаос во европското семејство. Ништо подобра не беше ниту реакцијата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој истакна дека пораката од ЕУ не е добра, но дека нема ништо ново во неа.
– ВМРО-ДПМНЕ може да ги реши и најголемите проблеми, но со јасни дипломатски приоритети и активности и ќе продолжи да го развива евроинтеграцискиот пат во согласност со меѓународните стандарди, но на принципиелна основа – порача портпаролката Митева.