СВЕДОЧЕШЕ ПОРАНЕШНА ВРАБОТЕНА ВО ФЕЈСБУК Компанијата ги крие податоците за штетноста врз младите
Компанијата намерно криеше клучни информации од јавноста, американската влада и владите низ целиот свет. Документите што ги испратив до Конгресот докажуваат дека Фејсбук постојано ја мами јавноста за резултатите од внатрешната истрага за безбедноста на децата, сведочеше Френсис Хојген.
Фејсбук го става профитот пред борбата со штетното влијание на децата и тинејџерите, зголемениот говор на омраза и со дезинформациите кои се шират на оваа платформа последните години, сведочеше Френсис Хојген, поранешна вработена во компанијата. На сослушување во американскиот Конгрес таа тајно ископирала десетици илјади внатрешни документи, јавува МИА.
– Компанијата намерно криеше клучни информации од јавноста, американската влада и владите низ целиот свет. Документите што ги испратив до Конгресот докажуваат дека Фејсбук постојано ја мами јавноста за резултатите од внатрешната истрага за безбедноста на децата, ефикасноста на нејзините системи за вештачка интелигенција и нејзината улога во ширењето екстремни пораки што предизвикуваат поделби – нагласи Хојген во Сенатот.
Спорд Хојген, „производите на Фејсбук им штетат на децата, поттикнуваат поделби и ја ослабуваат демократијата“.

– Лидерите на компанијата знаат како да ги направат Фејсбук и Инстаграм побезбедни, но ги отфрлаат неопходните промени бидејќи нивниот астрономски профит е поважен од луѓето. Конгресот треба да реагира. Нема да ја решат оваа криза без ваша помош – предупреди Хојген за време на нејзиното сведочење на сослушувањето во Сенатот.
Волстрит Џурнал неодамна објави дека внатрешните документи на Фејсбук покажуваат дека компанијата била свесна за негативните ефекти од своите производи, но не презела посериозни чекори за борба против потенцијално штетните последици.
Поткомитетот на Сенатот истражува како Фејсбук користел информации од своите истражувачи за Инстаграм што може да укаже на потенцијално штетно влијание врз младите корисници, особено девојчињата, а во исто време се обидува да го минимизира значењето на негативните последици.
Фејсбук привремено престана да работи на својот проект Инстаграм Кидс (Инстаграм за деца) поради стравувањата од потенцијално штетното влијание на платформата врз младите луѓе, вклучително и појава на вознемиреност и депресија.