СУСПЕНДИРАН ТРГОВСКИОТ ДОГОВОР ЕУ-САД ДОДЕКА ТРААТ ЗАКАНИТЕ ЗА ГРЕНЛАНД Голем број производи од САД се ставаат на квоти

Немаме друга алтернатива освен да ја суспендираме работата на законските предлози за договорот од Трнбери, сè додека САД не одлучат да се вратат на патот на соработката, рече постојаниот известувач за САД Бернд Ланге.

95

Известувачите на Европскиот парламент за Трговскиот договор ЕУ-САД се согласија да ја стопираат постапката за усвојување на документот, склучен минатата година во шкотското место Трнбери, сè додека траат американските закани кон Гренланд.

– Со оглед на постојаните и растечките закани, вклучително и со царини, кон Гренланд, Данска и нивните европски сојузници, немаме друга алтернатива освен да ја суспендираме работата на законските предлози за договорот од Трнбери, сè додека САД не одлучат да се вратат на патот на соработка, а не на конфронтација, изјави претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на ЕП и постојан известувач за САД, Бернд Ланге.






Тој нагласи дека Европскиот парламент работеше напорно за утврдување на својата позиција за законските предлози поврзани со договорот меѓу Унијата и САД и за што поскоро отпочнување на преговорите со Советот на ЕУ за нивно усвојување, но таа постапка сега е запрена поаѓајќи од непоколебливата посветеност на ЕП на суверенитетот и територијалниот интегритет на Данска и Гренланд.

Ланге потсети дека со договорот од Трнбери се суспендираат царините за увоз на сите американски индустриски стоки во ЕУ и се воспоставува систем на царински квоти за голем број земјоделско-прехранбени производи по потекло од САД.

– Сепак, со загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на земјите членки на ЕУ и користење на царините како инструмент за принуда, САД ја поткопуваат стабилноста и предвидливоста на трговските односи со ЕУ – изјави Ланге по состанокот на известувачите на различните пратенички групи за Трговскиот договор.

Во јули 2025 година, ЕУ и САД во Трнбери постигнаа политички договор за царински и трговски прашања, кој беше детално опишан во Заедничка изјава од август 2025 година, кога беше објавен и Рамковниот договор ЕУ-САД. Комисијата потоа предложи два законски предлози поврзани со спроведување на одредени царински аспекти од Рамковниот договор ЕУ-САД, чие усвојување сега е стопирано.

Поврзани содржини