Султан Заев и шејтан Филипче
Султан Зоран Заев и шејтан Венко Филипче ќе се обидат да воспостават целосно нова инфраструктура во султанатот СДСМ, со која ќе ја зацврстат својата моќ. После што султанатот дефинитивно ќе прерасне во шејтанат, со кодно име „Скривница“.
Новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, амбициозно најавува „промена на менталитетот“ во партијата.
Мисли изгледа на лузерскиот менталитет.
Арно ама …
Не само од начинот на неговиот избор, спроведен со компромитација на партиската база на лични податоци на членството и со освоени нешто повеќе од 8.000 гласови, туку и поради неговите јавно обзнанети планови за следните месеци, се добива впечаток дека промената во СДСМ ќе биде трагична – ако СДСМ до сега беше султанат, сега ќе стане шејтанат.
Филипче вели: „Како претседател на СДСМ, ќе ја водам партијата со целокупниот мој личен интегритет, јас ќе ги носам одлуките, а тоа е поради тоа што одговорноста за целокупната работа на СДСМ и за сите членови е само моја“.
Јас, јас, јас … Веќе видено во СДСМ.
Оваа изјава не може да се протолкува поинаку освен како јасна намера поранешниот султан Зоран Заев и натаму да го задржи својот харем, а неговото палаво другарче, шејтан Филипче, да ги спроведе нивните заеднички планови.
Значи …
Наместо легитимно раководство на партијата, избрано на конгрес којшто во нормални околности би требало да се одржи релативно брзо – а со изборот на нов лидер за тоа се создадени формални услови – Филипче ќе формира „работно тело“, кое практично ќе биде една форма на в.д. раководство на СДСМ, кое ќе раководи со партијата до следниот конгрес.
Тоа раководство, значи султан Заев и шејтан Филипче, ќе постават нови в.д. претседатели на општинските организации, а тие в.д. општински претседатели ќе формираат свои в.д. извршни одбори.
Е сега, тука некаде е „кваката“ на овој план. Новите в.д. раководства, избрани од централното в.д. раководство поставено од шејтан Филипче, ќе изберат нови делегати за нов состав на конгресот на СДСМ. Од сегашниот состав на делегати во конгресот Заев и Филипче се плашат. Затоа ќе си изберат нов, в.д. конгрес.
Во октомври тој нов конгрес на СДСМ ќе се конституира, а потоа ќе ги избере новите партиски раководства. Процесот треба да заврши со нови општи избори во СДСМ, на кои Филипче ќе „победи“ со многу повеќе гласови од оние бедни 8.000.
Тоа е планот – султан Заев и шејтан Филипче ќе воспостават целосно нова инфраструктура во султанатот СДСМ, со која ќе ја зацврстат својата моќ.
После што султанатот дефинитивно ќе прерасне во шејтанат со кодно име „Скривница“.
Се разбира, целата таа операција ќе се води со калеидоскоп од нови фејк „големи слики“ и наративи, имено како процес на надминување на поделбите во СДСМ, обединување на таборите, на јакнење на внатрепартиската демократија, подготовка за локалните избори во 2025 година итн. Приказни од 1001 ноќ.
Тоа е тоа, другарки и другарчиња.
Искрено, ама сосема искрено, немам ништо лично против Филипче. Меѓу пријатели сум изјавил повеќе пати, а еве сега ќе го кажам тоа и јавно – јас тој човек одамна не го разбирам. Ништо од она што го прави, на сите можни планови, не го разбирам. А сум слушнал дека и други не го разбираат …
Но, тоа е помалку важно. Многу пострашно е што јас веќе не ги разбирам ни членовите на СДСМ, особено оние поистакнатите, а најмалку луѓето кои задржале дел од својот политички, професионален и личен интегритет. Не ги разбирам нивниот молк, нивната апатија, нивното погубно сојузничење и прифаќање на процеси што го водат СДСМ кон нови порази.
Зашто, да се разбереме, нема султанат без султан и без шeјтани, ама нема и без хурем султанки, без везири, без изногуди, без хареми, без кадани и робинки, а никако и без евнуси.
Го гледам овој СДСМ, ги гледам тој политички разврат и таа политичка импотенција за било какви позитивни промени, па се прашувам – како воопшто овие луѓе некогаш воделе држава?