Сугарески: Нема селективност при рушење на дивоградбите на брегот на Охридско Езеро

Законите, како што истакна, важат еднакво, ако постапува еден, мора да постапува и другиот градоначалник.

615

Нема никакви калкулации кај државата кога се работи за уривање на дивоградбите на Охридското Езеро. Независно која и да е општината, мора да се постапува согласно донесените решенија и заклучоци. Ние инсистираме општините, но и Државниот инспекторат да постапува по донесените решенија. Ова го изјави денеска во Охрид министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Тој повтори дека нема разлика на дивоградби во Охрид или во Струга. Законите, како што истакна, важат еднакво, ако постапува еден, мора да постапува и другиот градоначалник.






– Градоначалниците, општинските градежни инспекторати треба да постапуваат согласно законите. Доколку тие механизми затаат за соодветни предмети, Државниот градежен инспекторат може да постапува со поединечни акти, заради непостапување. Токму од тие причини беше направена децентрализацијата во 2005 година, за да можат општините да менаџираат. Дали ќе постапи некој или не, постојат инспекторати кои по соодветни предмети можат да интервенираат – рече Сугарески.

На охридскиот дел од крајбрежјето на Охридското Езеро и денеска продолжија активностите за уривање на дивоградби. Во присуство на инспектори се урива поголем објект, хотел на излезот од градот на стариот пат кон Струга.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески рече дека се постапува согласно позитивните решенија, процесот на отстранување на дивоградбите засега се одвива непречено, без поголеми проблеми.

– Решенија за уривање има доста, покрај активностите за отстранување урбана опрема, сега имаме дополнителни средства така што почнува и отстранувањето поголеми објекти на крајбрежјето – рече Георгиески.

Тој додаде дека спроведува засилен инспекциски надзор на терен и ќе биде отстранет секој објект за кој има решение за уривање

Поврзани содржини