Сугарески: Не купувајте авиобилети, сѐ уште нема услови за патување

Се надеваме дека тоа ќе биде најбрзо, меѓутоа за тоа проценка треба да направи Штабот и Владата согласно препораките коишто ги дава Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, рече Сугарески

759

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески апелираше граѓаните да не купуваат или резервираат авионски  билети и нагласи дека штом ќе се создадат услови за отворање на аеродромите владата и ресорното Министерство ќе ја извести јавноста за да може да ги резервираат билетите.

– Се друго што читате тоа се лажни вести. Ние уште немаме одлука за кога и како. Се надеваме дека тоа ќе биде најбрзо, меѓутоа за тоа проценка треба да направи Штабот и Владата согласно препораките коишто ги дава Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство  –  рече Сугарески во гостување во емисија на телевизија 24.






Тој рече дека субвенции за авиокомпаниите се исплаќаат за она што го имаат работено претходно и дека ќе се исплаќаат понатаму кога ќе се заврши вонредната состојба и кога „Визер“ ќе продолжи со редовните и со субвенционираните линии.

– Согласно одлуката на Владата суспендирани се летовите на „Визер“. Известени се уште на 15-16 март, тогаш се застанати сите летови. За овој период согласно договорот ние нема како да исплаќаме и за што да исплаќаме како држава. „Визер“ има четири субвенционирани летови од Охрид и четири субвенционирани летови од Скопје- рече Сугарески.

 

 

Поврзани содржини