СУДСТВОТО Е ВО ПАНИКА ПОРАДИ ТОА ШТО ТРЕБА ДА ГО СПРОВЕДЕ Сајкоски оцени дека без силна судска власт не може да има силна влада

Мислам дека писмото е повеќе насочено кон самите нив, а не кон ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи со ваква реакција и со вакво писмо тие укажуваат дека кај нив се случува сериозна паника за она што треба да го спроведат - рече Сајкоски за писмото од судиите упатено кон премиерот Мицкоски.

216

Сериозна паника за она што треба да го спроведат се изразува во обраќањето на судиите до премиерот Христијан Мицкоски, оцени Ѓорѓија Сајкоски во синоќешното гостување на ТВ Сител.

– Во однос на писмото и како тие реагираат, мислам дека писмото е повеќе насочено кон самите нив, а не кон ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи со ваква реакција и со вакво писмо тие укажуваат дека кај нив се случува сериозна паника за она што треба да го спроведат – рече тој.






Според него, проблемот не е во недостигот на регулативата, туку во недостигот на волја кај судиите и обвинителите за постапување.

– Ние како ВМРО-ДПМНЕ, како Влада, како политички чинители укажуваме на сите недостатоци и сакаме да се подобриме. Без силна судска власт не може да има силна влада. Затоа укажуваме да се подобрат работите и на таков начин да можеме да имаме заеднички резултати. Ако имаме волја за постапување, тогаш можеме и да се подобриме. Не е секогаш причина регулативата, затоа што ако постапуваме и ако решаваме предмети, ако секојдневно се одлучува по предмети, тогаш ќе течат и работите. Кај нас проблемот е застојот во работата на судскообвинителските власти. Тоа е основниот проблем – рече Сајкоски.

Тој се осврна и на претстојниот Конгрес на партијата, како и на резултатот од локалните избори. Подготовките за редовниот 18 Конгрес започнаа во јули согласно правните акти на партијата. На Конгресот ќе има над 800 делегати, 1.800 гости.

– Ќе донесеме и важни стратешки документи кои ќе бидат идна траекторија на партијата. Секако овој Конгрес треба да ни е една подготовка за подобро структурирање на партијата, односно да имаме зајакнување на структурата, влез на нови луѓе и да направиме она што беше очекувано – победата на локалните избори да е вовед во голема победа на парламентарните избори ако бидат редовни во 2028 година. Треба да покажеме дека ќе има континуитет и ВМРО-ДПМНЕ ќе испорачува за граѓаните и за државата – рече Сајкоски.

Тој потсети на големиот успех на локалните избори за ВМРО-ДПМНЕ.

– ВМРО-ДПМНЕ доби општини кои дваесеттина години биле во рацете на градоначалници од СДСМ. Тоа се Струмица и Карпош, но и Крушево, Валандово, Дојран… ВМРО-ДПМНЕ го доби и Кичево. Го изгубивме 2013 година и се провлекуваше тезата за етничка линија. Нашиот кандидат доби гласови од сите, затоа ова е најсилен исчекор што го имала некоја политичка партија – рече Сајкоски.

 

Поврзани содржини