СУДСКИОТ СОВЕТ ЧЕКА ДА МУ СТАСА ПРЕСУДАТА ЗА ТЕОДОРА Ќе реагирал ако имало пропусти
Судскиот совет побара увид во предметот за пресудата во врска со смртта на 22-годишната Теодора Ристовска која беше прегазена во сообраќајна несреќа во Тетово во 2022 година.
– Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме – изјави претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.
Неговата изјава следува откако претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски јавно побара од Судскиот совет да го разгледа работењето на тетовскиот судија Елведин Ферати, кој вчера го осуди обвинетиот Менсур Пајазити на две години затвор за сообраќајката во која смртно ја прегази 22-годишната Теодора.
Реагираше и министерот за правда Игор Филков, кој рече дека Судскиот совет е повикан да реагира за пресудата поради реакциите што во јавноста ги предизвика одлука на минимална затворска казна за смртно прегазената млада девојка.