Зачудувачки е, барем за мене, како „глуво“ поминува во македонската јавност „Манифестот“ на германски „Билд“. Да беше поинакво четиво, особено некоја пофалба за Македонија, ќе летаа цитати и поддршки, пак ќе имаше ракоплескање и Danke Deutschland… Ова – не ни одговора, особено не ако потенцијално го видите (и) како македонско секојдневие. Ние во принцип не сакаме да се споредуваме, не само поради сѐ почестиот факт дека притоа си ја гледаме вистинската слика за земјата. Во таквите ситуации гледаме и колку сме назад од цивилизираниот свет, колку и што не сме направиле а сме можеле, и морале, колку актуелните политикантски пропаганди и понатаму успеваат да нѐ држат во клештите на симулакрумот.
Кога би ги проверувале, точка по точка, оние „упатства“ од „Манифестот“ (без оглед што тие се однесуваат на Германија) и за секое од нив јавно и детално би дебатирале барем еден месец како за наша реалност, би ни требале најмалку педесет месеци односно повеќе од четири години за да дојдеме до некакви заклучоци. Ако сакаме, се разбира. И тоа не би биле четири загубени години како овие седум. Напротив. Тие би разбистриле многу матни води во македонското општество, особено оние во „опШеството за сите“, во самопочитувањето и почитувањето на другиот, во патриотизмот и одбраната на државата итн.
Редоследот на точките не е важен, важна е расправата. Актуелните случувања можат да го диктираат редоследот, на пример точката 18, којашто вели: „Ние го почитуваме судството затоа што суди без предрасуди“. Од кога кај нас не сме слушнале ваква реченица!? Германците се гордеат со судството а ние го гледаме како една од најболните точки во државата. И тоа се констатира „долж и попреку“ на сите компетентни инстанци, па и од страна на т.н. „меѓународна заедница“, но најчесто без разрешница или соодветна вистинска акција. И таа, очигледно, нема да дојде бргу.
Меѓутоа, за оваа прилика, а во светлината на актуелните случувања на релација Судски совет-претседателка на Врховниот суд, малку би ја модифицирал посочената точка: како да го почитуваме судството во контекстот на ваквите македонски релации? На пример, ако во македонското судство нема самопочит односно судиите не се почитуваат меѓусебе? Или ако тие, како добри „деца на комунизмот“, и понатаму говорат во познатите шифри „некој, некаде…“?
Зашто, ако претседателката на Врховниот суд на државава – што ќе рече не некој општински/„селски“ суд – се оглушува односно отворено демонстрира против поканата на Судскиот совет како нејзина надредена инстанца, тогаш што? Како ние би ја почитувале и претседателката и судот што таа го води, уште помалку оној Судски совет чијашто работа се претвори во македонска сапуница? Но, карикатуралноста на овој и ваков Судски совет може ли да биде оправдување за претседателката на Врховниот суд за онакво бахато игнорирање на формално надредените колеги во стилот „не го признавам овој суд“? Иако и самата, по функција, е член на тој совет?
И понатаму, ако, на пример, Законот за Судскиот совет, во член 3 став 3, вели дека „Советот со својата работа оневозможува политичко влијание во судството“, зошто претседателката на Врховниот суд го игнорира ова и мисли дека поголема помош ќе добие на друго место, на пример во некоја странска амбасада?
А впрочем, дали ваквото однесување на судиите му дава право и на граѓанинот утре, со истите „образложенија“, да не се појавува пред судовите? Со таа разлика што граѓанинот ќе биде присилно приведен, а претседателката – не.
Но, имајќи го предвид вкупното веќе комедијантско и често вулгарно однесување токму на тој Судски совет, веројатно и секој од нас би се замислил дали воопшто има некаква смисла појавувањето и расправата со/во една таква збирштина. Меѓутоа, зарем и ваквото „однесување“ на претседателката на Врховниот суд не оди на линијата на потценување и вулгаризирање на состојбите во судството?
А во тој контекст, каква полза има граѓанинот од сѐ почестата формула на неодреденото зборче „некој“ и „некои“, со широко отворени алузии, а во замена на конкретното посочување на лице/лица заради одредени дејствија. Во случајов, тие „некој“ и „некои“ се поблиску дефинирани како дел од политичките структури, но тоа де факто се подразбира бидејќи никој друг освен тие „структури“ не може да врши притисок врз судовите.
Следствено, што добива граѓанинот од ваквите „закукулени и замумулени“ изјави на поединци на високи позиции во државата, меѓу нив и на претседателот на државата кој, кога сака да биде интересен за јавноста, истрчува со такви глупости дека некој, некаде, му кажал нешто…? Фингирана искреност , лажна чесност…, што? Демократијата не може да се развива со замаглени флоскули и недефинирани обвинувања, уште помалку тоа може да биде придонес за стабилизиција на судството во оваа држава и/или пример на сериозно однесување. А во крајна линија, зошто една амбасадорка на странска земја, па нека е и САД, би требала да знае повеќе за случајот од македонскиот граѓанин? И што ни говори тоа за оваа држава?
И дали и македонските граѓани, кога ќе имаат проблем со правдата/судовите, но и не само со тоа, треба да одат по странските амбасади да бараат заштита и решение на проблемот?
Меѓутоа, последниот настап на министерот за правда и барањето Судскиот совет веднаш да отвори постапка за утврдување на одговорност за судијата и претседател на Основниот суд Квадарци, говори за моќта на државата но и за ингеренциите на Судскиот совет. Ингеренции односно надлежности целосно игнорирани/понижени од претседателката на Врховниот суд. И сега, министерот ќе побара и нејзино разрешување? Или и тој ќе оди на консултации кај амбасадорката?
Но, целата оваа судска рашомонијада, погледната низ посочената точка на германскиот „Манифест“ („Ние го почитуваме судството затоа што суди без предрасуди“), повторно и по којзнае кој пат ја открива мафијашката спрега помеѓу политиката и судството, сега и низ кажувањата на угледна личност од врвовите на македонското судство. Без оглед кои се оние „некој“ и „некои“ – а и тие бргу ќе бидат откриени! – повеќе од јасно е дека македонскиот граѓанин нема ама баш никакви шанси да дојде до право и правда во еден ваков политичко-судски лавиринт. Повеќе од јасно е дека често и неговиот живот зависи од коруптивните спреги помеѓу криминални ликови од двата табори.
Впрочем, зарем и последниот предлог за член на Уставниот суд, при што јавно се посочува партиската припадност на предложеното лице, не говори за отворената партократска војна што оваа власт ја води против граѓаните на оваа држава?
Особено последниве две-три години, откако веќе беше јасна тоталната неспособност на целата владеачка политичка структура од двете коалициски страни и цената што ќе мораат да ја платат, се води беспоштедна битка за обезбедување на постабилни идни позиции односно обид за задржување на власта по секоја цена. И тоа „по секоја цена“ значи дека нема цена што тие – се разбира од џебот на граѓанинот! – не се спремни да ја платат за уште еден мандат. Дотогаш ќе застари сѐ, сите криминали ќе ги прекрие новото политикантско ѓубре што постојано се таложи во државава.
Но, за крај, повторно: можеме ли ние, како германскиот „Билд“, да речеме дека ние барем делумно го почитуваме судството затоа што суди без предрасуди? Не, се разбира, бидејќи речиси и да не можеме да посочиме еден „чист“ пример од праксата. Но не (само) поради скандалозното однесување на судиите или на Судскиот совет. Ние, впрочем, не можеме, за жал, да кажеме дека – барем делумно! – почитуваме што и да е во функционирањето на оваа власт, па и на опозицијата. Политичките влијанија се само еден сегмент од проблемот. Другиот се оние „нешта“ за коишто, на пример, говореше холандскиот амбасадор, а во голем дел се однесуваат (и) на судството. Што пак, повторно, во македонската јавност помина како благ ветрец преку образот на власта и нејзината клиентела, како ништо важно да не се случило во државава.
Впрочем, ни македонскиот Устав, ниту пак законите, бараат од нас го почитуваме судството или што и да е друго во државава. Почитта, сепак, доаѓа преку други „канали“, а не низ Устав и закони. И се заслужува, се разбира. Но членот 100 од Уставот сепак упатува дека „Судиската функција е неспојлива со вршење на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија“. Можеби од тука треба да тргне долго очекуваниот карван…?
Извор: Теодосиевски уметност