СУДОВИТЕ СЕ НЕАЖУРНИ, ИМ СЕ ТРУПААТ НЕРЕШЕНИ ПРЕДМЕТИ Судскиот совет ги оправда со јануарските празници и со недостигот на судии
Помалиот број решени предмети во споредба со примените во овој период се должи на намалениот обем на работа поради многуте празници во јануари и префрлањето предмети од претходната година, наведоа членовите на Советот во дискусијата.
Судството во првите три месеци од годинава не било ажурно, а за тоа време биле решени 137.725 предмети, покажа извештајот за работата на судовите што беше разгледан денеска во Судскиот совет.
Тримесечните извештаи за работата на судовите за 2025 година покажуваат дека повеќето од судовите во Македонија биле неажурни.
Почетокот на годината судовите го започнале со 133.882 предмети, а примиле во работа 148.588 предмети, што значи дека вкупно за работа имале 282.470.
Помалиот број решени предмети во споредба со примените во овој период се должи на намалениот обем на работа поради многуте празници во јануари и префрлањето предмети од претходната година, наведоа членовите на Советот во дискусијата. Причина за неажурноста, исто така, е и малиот број на судии.
Судскиот совет оцени дека се постигнати задоволителни резултати, со оглед на околностите.
Како проблем за ефикасноста на судовите беше напомената и состојбата со службите, како записничари, стручни соработници, советници на судиите, кои треба да се вработат, но за нивното вработување нема согласност од Министерството за финансии.
– Ова е уште една причина да бидеме погласни. Имаме испратено бројни ургенции и апели за да ја постигнеме финансиската независност на судството, но засега тоа не вроди со плод – рече претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.