СУДОТ ГИ ОДБИ СИТЕ ДОКАЗИ НА ОДБРАНАТА ВО СЛУЧАЈОТ ТНТ Адвокатот Миланов вели дека се работи за класично кршење на правата на обвинетите
Според одбраната, судењето траело долго поради пензионирање на поротник, па морало процесот да почне од почеток. Неприфаќањето на доказите, велат тие, е на штета на обвинетите.
Судот не ги прифати доказите на обвинетите во случајот ТНТ. Сведоци, урбанистички планови, извадоци од законите за урбанистичко планирање и јавни набавки беа дел од стотината докази коишто ги нудеше одбраната. Во нив, обвинителот и судот, гледале обид за одолговлекување на судењето, пренесе Сител.
– Се претендира кон одолговлекување на постапката и не се релеванти за случајот. Изведувањето на доказите ќе доведе до повреда на принципот за судење во разумен рок, имајќи предвид колку долго трае судењето – сметаат обвинителот Рустеми и судијата Ставрев.
Според одбраната, судењето траело долго поради пензионирање на поротник, па морало процесот да почне од почеток. Неприфаќањето на доказите, велат тие, е на штета на обвинетите.
– Секоја странка има право на правично судење и судење во кое ќе бидат задоволени сите негови права. Ваквото судење, со условени прифаќања на докази и сведоци кои биле важни за судот, но сега одеднаш стануваат неважни за докажување на било која фактичка положба во тој предмет, сметам дека е крајно кршење на правата и едно однесување кое е надвор од сите одредби на законот за кривична постапка – вели Еленко Миланов, адвокат.
Над три и пол години се води судската постапка за уривањето на Космос. На обвинителна клупа за случајот, седат Миле Јанакиески, Тони Трајковски, вработени во општината Гази Баба, а му се суди и на поранешниот премиер Никола Груевски.