📽️ СУДИР ВО ЕГЕЈОТ ЗЕДЕ 15 ЖИВОТИ, 24 СЕ ПОВРЕДЕНИ Потрагата кај островот Хиос продолжува

Трагедија во Егејското Море кај островот Хиос по судир меѓу глисер со мигранти и патролен брод, со 15 загинати, десетици повредени и тековна потрага по исчезнати лица.

1,341

Бројот на загинати мигранти по трагичниот судир меѓу гумен глисер и патролен чамец на Крајбрежната служба на Грција во морскиот дел кај Хиос се искачи на 15 лица, додека 24 мигранти се повредени, меѓу нив 11 деца.

Повредени се и двајца припадници на крајбрежната служба. Потрагата по евентуално исчезнати лица продолжува и денеска.






Како што соопшти грчката крајбрежна служба, нивниот патролен брод синоќа, за време на редовна контрола, забележал гумен глисер со мигранти кој пловел без навигациски светла кон источниот брег на Хиос, во морската област Мирсиниди. И покрај светлосните и звучните сигнали од патролниот брод, глисерот не запрел, туку нагло ја сменил насоката, по што дошло до силен судир со десната страна на службениот брод.

Од ударот, глисерот се превртел и потонал, а сите патници паднале во морето. Веднаш била активирана масовна операција за пребарување и спасување во која учествувале четири патролни брода на крајбрежната служба, приватен чамец со нуркачи и два хеликоптери на воената морнарица.

Од морето биле извлечени вкупно 25 странски државјани – седум мажи, седум жени и 11 деца – кои биле пренесени во пристаништето и потоа хоспитализирани во болницата „Скилицио“. Една од спасените жени подоцна им подлегнала на повредите, со што бројот на жртви се зголеми на 15.

Во исто време, од два патролни брода биле пронајдени и извлечени 14 безживотни тела – 11 мажи и три жени. Телата се пренесени во истата болница, каде ќе се изврши обдукција.

Од крајбрежната служба информираат дека е отворена предистражна постапка за утврдување на сите околности на несреќата, додека со пет патролни брода и еден хеликоптер продолжува потрагата по можни исчезнати мигранти.

Поврзани содржини