СУДИР МЕЃУ ОБВИНЕНИЕТО И ОДБРАНАТА ЗА КЛУЧЕН ДОКАЗ Продолжува судењето за случајот „Жан Митрев“

Изведувањето доказ, неважен и неповрзан со предметот, е „импровизација“, доролклу повеќе што доказот не се наоѓа во првичната листа на докази и дека не може дополнително да се воведе во овој стадиум на процесот, тврди одбраната на д-р Жан Митрев.

330

Судењето за случајот „Жан Митрев“ во Основниот кривичен суд Скопје продолжи со изведување материјални докази предложени од Обвинителството.

На рочиштето беа презентирани финансиските резултати на Клиничката болница „Жан Митрев“ за периодот 2018–2021, според кои клиниката остварила значителна добивка, како и документи и објави од институции и медиуми поврзани со ковид-мерките и третманот со хемофилтрација.

Обвинителката Искра Хаџи Василева истакна дека сопственик и управител на клиниката е Жан Митрев, а доказите, според неа, упатуваат на јасни факти поврзани со обвинението.

Клучна точка на расправата беше одлуката на Судот да остане на претходната позиција – за еден од предложените докази, извештај за стручниот надзор за примената на хемофилтрацијата, ќе се одлучува по завршување на целата доказна постапка предложена од Обвинителството.

Обвинителката тврдеше дека доказот бил уредно доставен уште пред почетокот на судењето и дека Судот има пракса да прифаќа докази во таа фаза, истакнувајќи дека релевантноста на материјалот ја цени исклучиво Судот.

Одбраната остро се спротивстави на изведувањето на овој доказ, оценувајќи го како неважен и неповрзан со предметот, а постапувањето на Обвинителството како „импровизација“. Адвокатот Никола Додевски посочи дека доказот не се наоѓа во првичната листа на докази и дека не може дополнително да се воведе на овој стадиум, нагласувајќи дека Обвинителството нема право да ја надополнува листата. Одбраната, исто така, истакна дека материјалот бил вратен бидејќи не бил навремено предложен.

Правниот застапник на оштетените, адвокат Лејла Хаџију, зазеде спротивен став и поддржа изведување на доказот, оценувајќи го како клучен за клиентите и обвинувајќи ја одбраната дека го одолговлекува процесот.

Според обвинението, Жан Митрев се товари за продолжено кривично дело „измама“, но не за квалитетот на лекувањето, туку за наводно прикривање информации за хемофилтрацијата и доведување пациенти во заблуда со цел имотна корист. Постапката, која повторно започна поради процесни причини, продолжува на 21 ноември со сослушување сведоци.

Поврзани содржини