СУДИИТЕ НЕ ЗНААТ НИ ЗОШТО ГИ РАЗРЕШУВААТ Анкета на Коалицијата „Сите за правично судење“

Анализата укажува недоволно ниво на целосна транспарентност во работењето на Судскиот совет, како и отсуство на образложенија во решенијата со кои се назначуваат односно разрешуваат судиите.

530

Судиите не се чувствуваат доволно поврзани со работата на Судскиот совет. Се чувствуваат отуѓени и не чувствуваат дека Судскиот совет е тој, којшто ги застапува и брани нивните интереси, ниту дека ја унапредува генерално независноста на судство. Судскиот совет во иднина се очекува да биде носител на најавената реформа, во надеж дека реформираниот судски систем и воведените методологии за оценување на судиите на нивната работа ќе донесат некаков позитивен исход во однос на состојбите на правосудството.

Ова се заклучоците од спроведениот мониторинг на работата на Судскиот совет и направените интервјуа со 14 актуелни и двајца поранешни судии, презентирани на денешата завршна конференција „Влијанието на мерит системот врз судската независност и професионалност во Северна Македонија“, во организација на коалицијата „Сите за правично судење“.






Извршната директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“ Натали Петровска, посочи дека анализата укажува недоволното ниво на целосна транспарентност во работењето на Судскиот совет, како и отсуство на образложенија во решенијата со кои се назначуваат односно разрешуваат судиите, што пак е клучно за да се направи добра проценка на аргументацијата и дали навистина е имплементиран системот на заслуги во назначувањето и изборот на судиите.

 

– Законот воопшто нема потреба да претрпи било какви измени, се работи за пракса за работење на Судскиот совет. Значи аргументацијата е она што недостасува во нивните решенија кога се назначуваат, односно разрешуваат судии. Значи вообичаено кога се назначува некој судија судиите се произнесуваат за, меѓутоа нивното спротивставување на изборот односно гласањето со „не“, воопшто не е аргументирано. Така што, немаме прилика да ги дознаеме причините зашто некој судија не е назначен, не е унапреден или слично – појасни Петровска.

Во самата анализа е констатирано, посочи Петровска, дека најчесто пред седницата на Судскиот совет вообичаена пракса барем во изминатава година е одржување на неформални колегиуми на Судскиот совет во коишто остава впечаток дека веќе претходно ги одлучуваат и решаваат некои од прашањата коишто се тема на дневен ред на актуелната седница, а потоа само се произнесуваат да и не при нивното гласање.

– Дел од истражувањето беше и интервјуирање на голема група на актуелни и разрешени судии. Впечатокот за работата на Судскиот совет не можам да кажам дека е позитивен, од една едноставна причина што тие не се чувствуваат доволно поврзани со него, се чувствуваат отуѓени и не чувствуваат дека Судскиот совет е тој којшто ги застапува и брани нивните интереси.  Ниту застапува за нив уште помалку дека ја унапредува генерално независноста на судство – изјави Петровска.

Претседателката на Судскиот совет на РСМ Павлина Црвенковска, во своено онлајн обраќање, зборувајќи за направените реформи и донесените правилници за работата и изборот на судиите, посочи дека се во насока на зголемување на довербата на јавноста во самата работа на судиите.

– За Судскиот совет од приоритетно значење е да има квалитетни судии, посветени на професијата и способни навремено да се справуваат со предметите. Јасно е дека колку поефикасни и поодговорни судии имаме толку правдата што ја испорачуваат ќе биде побрза и поефикасна, а тоа ќе претсатвува гаранција за почитување на правата на граѓаните и на владеење на правото. Судскиот совет се стреми токму кон тоа – преку мерливи квалитативни критериуми да ги избере или да ги унапреди судиите со цел судскиот систем да го направи функционален и достапен, а одлуките на судиите да бидат законити и донесени врз основа на пропишани правила – истакна Црвековска.

Поврзани содржини