СУДИИТЕ И ОБВИНИТЕЛИТЕ ВО СЕКОЈА ФАЗА ЈА НАМАЛУВАА КАЗНАТА ЗА ВОЗАЧОТ ПАЈАЗИТИ Наместо со максимални 5 години затвор, заврши само со 2

Првично, судијката Вера Костовска на 30 ноември 2023 година му пресуди 3 години и 6 месеци затвор на возачот Пајазити, иако максималната казна е 5 години затвор. Осудениот се жалеше на пресудата во Апелацискиот суд во Гостивар, а Јавното обвинителство прво бараше жалбата да се одбие, а потоа вишата обвинителка Вјолца Елмази се предомисли и бараше да се досуди пониска затворска казна. Судиите од Апелација Гостивар, Шефајет Хајдари, Даут Рустеми и Емине Мурати во април 2024 година ја преиначија пресудата на Основниот суд Тетово и ја намалија затворската казна за Пајазити од 3 и пол на 2 години.

2,118

Судскиот совет ќе изврши увид во пресудата од 2 години затвор за возачот Менсур Пајазити, кој во август во 2022 година смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска на пешачки премин во Тетово. Пресудата е од повтореното судење во Основниот суд Тетово, од кое семејството на Ристовска очекуваше правда, но доби само горчливо чувство дека животот на нивната Теодора вреди само 2 години затвор за невнимателниот возач. Особено што, како што течеа судските процеси за смртта на нивната ќерка, така обвинителите и судиите ја намалуваа казната за предизвикувачот на нејзината смрт.

Првично, судијката Вера Костовска од Основниот суд тетово, сега во пензија, на 30 ноември 2023 година му пресуди 3 години и 6 месеци затвор на Пајазити, иако максималната казна за Тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот со смртни последици е 5 години затвор. Осудениот се жалеше на пресудата во Апелацискиот суд во Гостивар и побара поблага казна. Јавното обвинителство, во одговор на жалбата бараше жалбата да се одбие како неоснована. Но, на јавната седница во Апелација вишата обвинителка од Гостивар, Вјолца Елмази се предомисли и бараше жалбата делумно да се уважи во делот на казната, односно да се досуди пониска затворска казна. Судиите од Апелација Гостивар, Шефајет Хајдари, Даут Рустеми и Емине Мурати во април 2024 година ја преиначија пресудата на Основниот суд Тетово и ја намалија затворската казна за Пајазити од 3 и пол на 2 години.






По жалба од осудениот Пајазити, незадоволен и од 2-годишната казна за смрт што ја предизвикал, одлучуваше Врховниот суд. Судиите Цветанка Периќ, Џемали Саити, Африм Фидани, Мирјана Лазарова Трајковска и Сафет Кадрии во декември 2024 година ги укинаа двете пресуди. Тие констатираа дека со правосилната пресуда е сторена суштествена повреда на кривичната постапка и предметот го вратија на повторно судење.

Според Врховниот суд, проблемот е во нејаснотиите во постапувањето на Основниот суд Тетово откако осудениот Пајазити на првото рочиште се изјаснил дека е невин, а на второто ја признал вината. Нејасно е дали судот признанието на вина го ценел во олеснителните околности или пресудил врз основа на признанието.

„Врховниот суд оценува дека на главната расправа од 10.11.2023 година осудениот не се изјаснил за виновен за предметното кривично дело, за сообраќајната незгода, при што започнала доказна постапка со изведување на докази на обвинението, а потоа продолжила со изведување докази на одбраната. Со оглед дека бил даден предлог да се сослуша вешто лице Т.Л. и било најавено вештачење, кое во моментот не било доставено, судот донел решение главната расправа за изведување на овие докази да се одложи за 27.11.2023 година. На таа расправа, пред да продолжи доказната постапка, одбраната се изјаснила дека осудениот ќе даде признание на вина. Првостепениот суд, при ваква ситуација, ја продолжил главната расправа и во доказна постапка ги изведувал само доказите предложени од обвинителството, а не и доказите од одбраната, бидејќи прифатил дека е повлечена предложената листа на докази на одбраната. Во случајот, суштествено е тоа што одбраната најавила дека осудениот ќе даде признание на вина и во завршен збор пред првостепениот суд, осудениот се изјаснил виновен, односно изјавил дека го признава кривичното дело, се извинил на семејството на покојната, изразил сочувство и жали за последиците. Во образложението на првостепената пресуда е наведено дека при утврдување на фактичката состојба судот се раководел од доказите изведени на главна расправа и од признанието на вина за кривичното дело дадено од страна на осудениот. Оттука, Врховниот суд оценува дека првостепениот суд не расчистил и не утврдил дали осудениот сакал да даде признание на вина согласно член 381 од Законот за кривичната постапка и дали судот тоа го прифаќа, па следствено на тоа да ја продолжи постапката согласно наведената одредба од законот и да донесе одлука согласно неа или таквото произнесување на осудениот го цени како олеснителна околност“, се вели во пресудата на Врховниот суд.

Повтореното судење го водеше судијата Ељведин Ферати, кој завчера на возачот Пајазити му пресуди 2 години затвор, исто колку што пресуди и Апелација Гостивар во укинатата пресуда.

По ниската затворска казна и силната реакција на семејството на прегазената Ристовска, Судскиот совет најави дека ќе ги разгледа пресудите од предметот. Претседателот Александар Камбовски рече дека побарале увид во предметот и ќе реагираат ако се утврдат пропусти во постапката.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изрази згрозеност од пресудата од повтореното судење и истакна дека тоа не е правдата што ја очекуваат граѓаните. Тој побара Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата Ферати, кој ја донесе одлуката за 2 години затвор. Според премиерот, таквата пресуда е „потфрлање на системот“.

Министерот за правда, Игор Филков, исто така ја критикуваше пресудата и истакна дека силната реакција на семејството на Ристовска и на граѓаните е важен индикатор за слабиот интегритет на судскиот систем.

Доколку остане оваа казна, осудениот Пајазити ќе може да ја издржува во отворено одделение, со право да оди на работа и ноќе да преспива во затворот. Практично, како да нема да сноси одговорност, и тоа со амин од државата, поради што и беше очајниот крик на сестрата на Теодора пред судот за тоа колку вреди животот во Македонија.

Ако пак му се наклони судската среќа или му се смилува уште некој обвинител, може да се надева и на минималната казна, од 1 година затвор.

Пајазити се бранеше дека пешачкиот премин не бил осветлен и не бил обележан, а покојната Ристовска  се движела со телефон во раце и слушалки ставени во ушите, како и дека има сестра на која ѝ е одземена деловната способност и за која мора да се грижи.

Поврзани содржини