Судиите ќе добијат поголеми плати, ама на рати
Ова зголемување, нагласи Маричиќ, очекуваме да важи и за судските службеници, а ќе се разговара и за јавните обвинители. Тој најави дека ќе се разговара и за зголемување на платите за уште дополнителни пет отсто за 2023.
Владата и Здружението на судии постигнаа согласност за зголемување на платите на судиите од 15 отсто. Десет отсто оваа година, а пет следната, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ.
Ова зголемување, нагласи Маричиќ, очекуваме да важи и за судските службеници, а ќе се разговара и за јавните обвинители. Тој најави дека ќе се разговара и за зголемување на платите за уште дополнителни пет отсто за 2023 година и со цел да се стигне до посакуваните 20 отсто.
– Нашата Влада зазема став дека судската власт е особено важна и дека статусот треба постојано да се зајакнува. Тоа важи и за условите за работа и за поддршката во смисла на зголемена судска администрација, повеќе работни места и плати на судиите. Зголемувањето на платите во судството оди паралелно со зголемување на одговорноста и ефикасноста на судиите и правосудниот систем, но и со процесот на дигитализацијата и прочистувањето – изјави Маричиќ.
Маричиќ, посочи дека очекува ова да се сфати како позитивен сигнал за целото правосудство, дека државата се грижи, но и дека очекува поголема транспарентност, одговорност и ефикасност.
Средствата за договореното зголемување на платите, нагласи тој, се веќе обезбедени во рамки на судскиот буџет и очекува итно да се пристапи кон реализирање.
– Планираме да предложиме и законски измени или нов Закон за плати на судиите, со кој што трајно ќе ги дефинираме коефициентите на судската власт како еден долгогодишен проблем за кој се преговараше – изјави Маричиќ.