СУДИЈАТА САВЕСКИ Е ПРЕПОЗНАТЛИВ ПО СТРУЧНОСТА, ИНТЕГРИТЕТОТ И ПО ПРИЦИПИЕЛНОСТА Владата оцени дека ги има потребните квалитети за државен обвинител
Владата смета дека предложениот кандидат ќе придонесе кон зајакнување на институционалниот капацитет, унапредување на професионалните стандарди и кон зацврстување на довербата на јавноста, рече владината портпаролка Марија Митева.
На денешната редовна седница Владата го разгледа мислењето на Советот на јавни обвинители во врска со постапката за избор на нов државен јавен обвинител и по сеопфатна, аргументирана и конструктивна дискусија донесе одлука до Собранието да поднесе предлог за избор на Ненад Савески за нов државен јавен обвинител, соопшти владината портпаролка Марија Митева.
– Владата се раководеше од принципите на професионалност, интегритет, стручност и доследна посветеност на владеењето на правото. Ненад Савевски е судија во Кривичниот суд, во текот на својата професионална кариера има изградено репутација на правник со долгогодишно искуство, препознатлив по својата стручност, професионален интегритет и посветеност на принципите на законитост и правда – рече Митева.
Во рамки на своја долгогодишна кариера и образовно портфолио, Ненад Савевски е магистер по правни науки област казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први”, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, со положен Правосуден испит, додаде таа.
– Неговото професионално искуство е богато, во моментов е судија во Основен кривичен суд Скопје во оддел за организиран криминал и корупција. Бил Јавен обвинител во Основно јавно обвинителство – рече Митева.
Савески поседува и експертски и меѓународни ангажмани како експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Националната конвенција за ЕУ – Поглавје 23, бил член на работни групи за судски и законски реформи, експерт во проекти на Совет на Европа, ОБСЕ, УСАИД, работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и кривична постапка, рече портпаролката на Владата.
Во делот на академската и едукативната работа, додаде, тој е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, обучувач е за човекови права и кривично право и има соодветни публикации и е автор и коавтор на повеќе трудови.
– Од сè ова може да се заклучи дека тој има учествувано во различни процеси и активности поврзани со унапредување на функционирањето на правосудниот систем, како и во иницијативи кои биле насочени кон зајакнување на институционалниот капацитет, транспарентноста и ефикасноста на правосудните институции. Покрај домашното професионално искуство, Ненад Савески во својата кариера има остварено соработка со релевантни национални и меѓународни институции, како и организации, придонесувајќи кон размена на добри практики и усогласување на стандардите на правосудниот систем со современи европски принципи на владеење на правото – рече Митева.
Во текот на расправата, додаде Митева, беше нагласено дека изборот на државен јавен обвинител претставува прашање од исклучителна важност за кредибилитетот на целокупниот правосуден систем.
– Токму затоа, пристапуваме кон процесот со особена внимателност и одговорност, имајќи ја предвид потребата од професионализација и зајакнување на независноста на Јавното обвинителство, како и натамошно унапредување на ефикасноста во спроведувањето на законите – кажа портпаролката.
Предлогот кој Владата го упатува до Собранието, додаде, се темели на стручни оценки и мислења доставени од Советот на јавни обвинители, како и на внимателна анализа на професионалниот интегритет, искуство и досегашни резултати на кандидатот.
– Во таа насока, се оцени дека предложениот кандидат ги поседува потребните професионални и лични квалитети. Владата смета дека предложениот кандидат ќе придонесе кон зајакнување на институционалниот капацитет, унапредување на професионалните стандарди и кон зацврстување на довербата на јавноста. Со оваа одлука, Владата уште еднаш ја потврдува својата цврста определба за почитување на институционалните процедури, заштита на независноста на правосудниот систем и доследна поддршка на реформските процеси – рече портпаролката Марија Митева.