Судијата Јован Илиевски нема да одлучува за тужбата на неговиот баџанак Мијалков во Стразбур
Според досегашната практика на македонскиот глас во европскиот суд не се очекуваат било какви проблеми во однос на изземањето на судијата Илиевски во одлучувањето по тужбите поднесени од помилуваните од претседателот Ѓорге Иванов во 2016 година.
Седум судии во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а меѓу нив и македонскиот судија Јован Илиевски ќе треба да одлучуваат за тужбите на десетте македонски поранешни функционери кои беа помилувани од претседателот Ѓорге Иванов во 2016 година, кој подоцна под притисок на јавноста ги повлече одлуките за аболиција.
Судијата Илиевски е поранешен шеф на македонското Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција кој беше избран за судија во меѓународниот суд во Стразбур од Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во 2017 година со мандат од девет години и без право на реизбор. Освен Илиевски, тогаш кандидати за судот во Стразбур беа и судијката од Уставниот суд, професорката Наташа Габер-Дамјановска и професорот Звонимир Јанкуловски.
Се очекува судијата Илиевски кој е и баџанак на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, еден од тужителите во судот во Стразбур, да се изземе од одлучувањето за македонските предмети зашто така налагаат правилата на Европскиот суд за човекови права. Судот има јасно утврдени правила, важно е судијата да се изземе сам, а ако не го стори тоа, претседателот на судот ке внимава на тој факт.
Костадин Богданов, поранешен директор на македонското Биро за застапување на државата пред судот во Стразбур за Плусинфо вели дека додека тој раководел со овој орган во рамките на Министерството за правда и други македонски судии токму поради правичо судење се изземале од одлучување во предметите во кои е тужена македонската држава. Во периодот додека Богданов, раководел со македонското биро во судот во Стразбур, тогашната судијката Мирјана Лазарова Трајковска три пати барала изземање.
– Ако самиот судија не побара изземање поради разни причини, роднински врски или други причини кои можат да влијаат во неговото непристрасно одлучување, во случај да има приговор од државата или од некој друг, тогаш заседава судскиот совет. Додека јас бев во Бирото за застапување пред судот во Стразбур не се случи да има такви приговори, судијката Мирјана Лазарова Трајковска, сама бараше да биде изземена – објаснува Богданов.
Во текот на денов не успеавме да воспоставиме контакт со македонскиот судија Јован Илиевски во Стразбур, но според досегашната практика на македонскиот глас во европскиот суд не се очекуваат било какви проблеми во однос на изземањето на Илиевски, кои како што велат и извори што го познаваат судијата, нема да дозволи пречки или нарушување на непристстрасното судење во Стразбур, каде судот откако ќе добие одговори од македонската држава, а потоа и од тужителите ќе одлучува дали ќе има јавна расправа.
Кога Илиевски беше избран за судија во Европскиот суд за човекови права во интервју за Дојче Веле изјави дека „жали што во јавноста го третираат како баџанакот на Мијалков“:
– Во сите изминати години буквално сум се преработил. Не ми беше право, и жал ми е што во јавноста сум третиран како „баџанакот на Мијалков“, бидејќи ако се погледне хронологијата на мојата професионална кариера, јасно е дека сум се реализирал во годините и пред гарнитурата на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт.
Влатко Илиевски, правен застапник на десетте поранешни функционери кои ја тужат државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за Плусинфо, пред некој ден изјави дека судот ги повикува двете страни на пријателско спогодување до 18 декември годинава. Државата има можност да одговори со спогодување со тужителите или да чека судење во европскиот суд.
Македонија пред судот во Стразбур ја тужат поранешните функционери Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Киро Тодоровски, Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Тони Трајковски, Едмонд Темелко, Владимир Талески и Тони Јакимовски.
Судот неделава побара одговор од државата дали аболицијата која Иванов ја даде во 2016 година е законска и дали нејзиното повлекување е правно издржано. Македонското биро за застапување на Македонија пред судот во Стразбур ќе треба да одговори и „Дали одлуките за помилување на претседателот на државата од 12 април 2016 година беа неотповикливи“ и „Дали актот за помилување беше од индивидуализиран карактер?“