СУБВЕНЦИОНИРАН ОБРОК ЗА СЕКОЈ СРЕДНОШКОЛЕЦ Училиштата ќе произведуваат струја со фотоволтаици на покривите
Ќе воведеме ВИ личен тутор, дигитален асистент достапен за секој ученик, кој ќе објаснува лекции, ќе помага во учењето и ќе ги заменува скапите приватни часови. Во неколку училишта ќе формираме ВИ лаборатории со 3Д модели и интерактивни симулации, за да овозможиме настава што е привлечна, динамична и блиска до новите генерации, најави денеска кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопке, Орце Ѓорѓиевски.
Нема посветла инвестиција од онаа во умот и во срцето на едно дете – Скопје ќе добие две нови средни училишта, фотоволтаици на сите останати, реконструкција на Планетариумот и уште многу други проекти, најави денеска кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопке, Орце Ѓорѓиевски.
Образованието е темелот на секој напреден град, основата врз која се гради просперитетот, иновацијата и иднината, порача тој.
– Ако сакаме Скопје да биде вистински, европски град, мора да вложиме во генерациите што доаѓаат после нас. Токму тие млади луѓе се највредниот капитал што го имаме. Затоа, визијата за образованието која ја нудам преку мојата програма, е визија за отворено, современо и хумано Скопје, град што им дава шанса на сите млади луѓе, без поделби по каква било основа. Нашата цел е да изградиме модерен, дигитален и еколошки образовен систем што ќе создава генерации подготвени за предизвиците на 21 век. Млади луѓе кои размислуваат критички, создаваат иновативно и дејствуваат одговорно – рече Ѓорѓиевски.
За да го постигнеме тоа, додаде, мораме да почнеме од основата, од инфраструктурата, од училиштата.
– Ќе ја промениме сликата на образованието во Скопје. Во соработка со Владата, ќе изградиме две современи средни училишта, едното во Драчево, нова училишна зграда за СУГС „Браќа Миладиновци“ и другото во Ѓорче Петров, нов објект на „Кочо Рацин“. Тоа ќе бидат модерни, дигитализирани и енергетски ефикасни објекти. Паралелно, ќе спроведеме целосна енергетска трансформација на сите средни училишта. Секое училиште ќе добие фотоволтаици, нови фасади, термоизолација и паметни системи за следење на потрошувачката на енергија. Ќе ја намалиме потрошувачката, ќе ги унапредиме условите и ќе создадеме училишта кои не само што учат за екологијата, туку и опстојуваат во склад со неа – најави Ѓорѓиевски.
Ќе продолжиме со дигитализацијата на училиштата, ќе има брз интернет во секоја училница, смарт табли, проектори и дигитални содржини создадени од наставници и од студенти, додаде кандидатот за градоначалник.
– Ќе воведеме ВИ личен тутор, дигитален асистент достапен за секој ученик, кој ќе објаснува лекции, ќе помага во учењето и ќе ги заменува скапите приватни часови. Во неколку училишта ќе формираме ВИ лаборатории со 3Д модели и интерактивни симулации, за да овозможиме настава што е привлечна, динамична и блиска до новите генерации. Ќе го рестартираме Планетариумот во МКЦ, кој ќе стане центар за наука, култура и технологија, каде децата ќе учат за астрономијата со љубопитност. Науката повторно ќе биде достапна, разбирлива и возбудлива – рече Ѓорѓиевски.
Тој најави дека во секое училиште ќе бидат обезбедени пречистувачи на воздух, системи за климатизација и за греење со ниска потрошувачка. Безбедноста на учениците ќе се гарантира преку програми за превенција на насилство, ангажман на училишни полицајци, видеонадзор и едукации за учениците и родителите.
– Ќе го ставиме ученикот во фокусот. Со програмата „Младински оброк“ ќе обезбедиме субвенциониран оброк за секој средношколец, преку „Skopje city go“ картичката. Ќе воведеме модерни униформи што ќе бидат креирани заедно со средношколците и ќе поттикнуваат еднаквост и достоинство за секој од нив. Воведуваме бесплатно патување низ Европа за првенците на генерација. Девојчињата ќе имаат обезбедени хигиенски производи во училиштата, а за секој ученик обезбедуваме пристап до психолошка поддршка од стручни лица – најави Ѓорѓиевски.
Тој најави и формирање училишни младински клубови за уметност, музика, театар и за технологија, како и кариерни центри што ќе им помагаат на средношколците во изборот на професијата или понатамошното образование.
– Ќе го изградиме Скопје како град на науката, со современ центар за природни науки, техника и дигитални технологии, во соработка со универзитетите и фондациите. Тоа ќе биде место каде младите од целиот град ќе можат да експериментираат и истражуваат. И затоа велам: оваа програма не е само план за подобри училишта, ова е стратегија за подобро општество. Образованието е клучот што ги отвора сите врати. Со оваа програма, Скопје ќе стане град каде секое дете има шанса, секој наставник има поддршка, а во секоја училница се креира подобра иднина за сите нас – рече денеска кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопке, Орце Ѓорѓиевски.