Субвенции за скопјани зашто живеат во грдиот град
На пример, може скопјани секој месец да добиваат субвенции од по 1000 денари, иако сметам дека надоместокот треба да е барем десет пати повисок, за да се запази соодносот на тоа што жителите го трпат и на тоа што би требало да се исплати како компензација.
Наместо бесплатен јавен превоз, пловен Вардар или некакви проекти за културата, на скопјани на нареднитe локални избори најдобро ќе биде да им се ветат субвенции. За секој жител на Скопје да следува паричен надомест, бидејќи живеe во загаден, пренатрупан, хаотичен, субстандарден или со еден збор грд град.
На пример, може скопјани секој месец да добиваат субвенции од по 1.000 денари, иако сметам дека надоместокот треба да е барем десет пати повисок, за да се запази соодносот на тоа што жителите го трпат и на тоа што би требало да се исплати како компензација.
Во неделата во Скопје беа измерени 282 микрограми на кубен метар штетни честички по здравјето на луѓето. Позагаден град од Скопје дента во светот беше само Лахоре во Пакистан. Градот од 11 милиони жители со вкупна паритетна потрошувачка моќ на граѓаните од над 40 милијарди долари годишно, беше единствениот град позагаден од Скопје, кој во ниту еден сегмент не може да се спореди со пакистанската метропола.
И додека скопјани се задушуваа, луѓето надлежни да се справуваат со загадувањето се расправаа. Прво бившиот градонаначалник Петре Шилегов се пожали на загаден воздух, само два месеци по неговото заминување од функцијата. Потоа од ПР службата на Данела Арсовска му беше возвратено на Шилегов со „остро“ соопштение дека Скопје е загадено бидејќи тој ништо не сработил за време на мандатот. И Скопје остана загадено по нивната кавга, штетните честички останаа недозволено присутни во атмосферата сè до понеделникот, кога дождот и ветерот го подрачистија воздухот.
Скопјани не заслужуваат ваков однос од луѓето што се избрани за градоначалници. Градот со години е при врвот на најзагадени во светот, а без разлика на тоа кој е градоначалник и од која партија е предложен (тоа воопшто не е тема), ништо битно не е направено или преземено за да се подобри еколошката слика на градот. Се читаат соопштенија и во исто време му се молат на Господ да задува ветер или да заврне дожд.
Во Скопје ќе се намали загаденеста на воздухот само доколку автомобилите почнат да возат на електрична енергија и доколку се насадат дрвја. Постојат и други модери начини за борбата со загадувањето, но во оваа прилика тоа ќе звучи футуристички и утопистички, па затоа да почнеме со возилата и дрвјата. За првото ќе ни треба струја, а за второто решение земја, по можност небетонирана. Во моментов немаме ни едно, ни друго. Затоа најубаво ќе биде со субвенции да се реши проблемот. Паричен надомест за живот во очајно лоши услови. Мислам дека е ОК предлогот?