СУБВЕНЦИИ ЗА ИН ВИТРО, ОВОШЈЕ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ Шилегов ветува и бесплатен превоз за пензионерите секој ден
Кандидатот на СДСМ за Скопје ветува 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци кои ќе се запишат на некој од државните универзитети.
Бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата, бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот, вети меѓу другото Петре Шилегов, кандидат за градоначалник на Град Скопје од СДСМ.
– Лицата со ретки болести кои живеат во Скопје ќе можат исто така бесплатно да го користат јавниот градски превоз. Трошоците за хроничната терапија која ја примаат ги олеснуваме преку финансиско ослободување за јавниот превоз, за нив и за нивната придружба при користење на превозот. На сите постдипломци и докторанди кои студираат во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. Учениците од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште – рече Шилегов денеска претставувајќи дел од својата предизборна програма.
Тој ветува 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети, а за секој средношколец од државните училишта, бесплатно овошје за време на училишниот престој.
– Го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50% од месечниот трошок. За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот – додаде Шилегов.