СТУДЕНТИТЕ ОД ФИНКИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПРАКСА, ПРОФЕСОРИТЕ ЌЕ МУ ДАДАТ ЕКСПЕРТИЗА НА АД ЕСМ Меморандум за соработка меѓу факултетот и најголемата компанија за производство на струја

Ова е одлична можност за нашите студенти и професори да ги применат своите знаења и истражувања во реални индустриски услови, вели деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски.

104

Најголемата домашна компанија за производство на електрична енергија АД ЕСМ и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) склучија партнерство преку Меморандум за соработка, што е стратешки чекор кон зајакнувањето на врските меѓу индустријата и академската заедница, соопшти АД ЕСМ.

Меморандумот што го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев и деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски има  цел да ги спои теоретското знаење и иновациите со практичните потреби и предизвици, отворајќи нови можности за заеднички развој и дигитална трансформација, се вели во соопштението.






„Соработката е од суштинско значење за нашата компанија и за енергетскиот сектор, воопшто. Станува збор за една од водечките високообразовни институции во областа на информатичките технологии, која ќе ни овозможи пристап до најновите иновации и експертиза, кои се клучни за оптимизација на нашето производство, подобрување на безбедноста и за дигиталната трансформација. Партнерството со ФИНКИ ќе ни помогне да ги задоволиме растечките потреби на енергетскиот пазар и да придонесеме за стабилен енергетски систем“, изјави Узунчев.

Деканот на ФИНКИ ја нагласи взаемната корист од соработката.

„Исклучително сме горди на зајакнување на соработката со најголемата и стратешки најважната домашна компанија за производство на електрична енергија. Ова е одлична можност за нашите студенти и професори да ги применат своите знаења и истражувања во реални индустриски услови. Преку пракси, менторство и заеднички проекти, студентите ќе се здобијат со драгоцено искуство кое ќе ги подготви за пазарот на трудот. Во исто време, нашата експертиза во области како вештачка интелигенција, анализа на податоци и сајбер безбедност ќе му помогне на АД ЕСМ да ги адресира предизвиците и да ја зајакне својата позиција како иновативен лидер во секторот“, рече Јакимовски.

Стратешкото партнерство ќе опфати повеќе клучни области – истражување, практична настава и пракса за студенти, обуки, размена на знаење и експертиза, како и реализација на заеднички проекти

Поврзани содржини