СТУДЕНТИ ВО ОХРИД НАШЛЕ БУБАЧКИ ВО ХРАНАТА ВО МЕНЗА? Директорот и инспекторите не им веруваат

Директорот на домот потврди дека ги видел фотографиите, но вели оти не е сигурен во нивната веродостојност. Тој вели дека „со денешнава технологија, секој може да направи такви фотографии“.

219

Студенти сместени во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид тврдат дека нашле инсекти во храната што се служи во студентската менза и тоа го поткрепуваат со фотографии што ги испратиле до новинската агенција „Мета“.

Студентите велат дека трета недела по ред наоѓаат бубачки во храната во студентската менза. Директорот на домот потврди дека ги видел фотографиите, но вели оти не е сигурен во нивната веродостојност. Тој вели дека „со денешнава технологија, секој може да направи такви фотографии“.






Агенцијата за храна и ветеринарство добила барање за инспекциски надзор, но одговорила дека не било прецизирано што точно се пријавува за Агенцијата да може да постапи.

– Во мојата порција имаше инсект и пријавив, но директорот ни кажа дека проблемот бил до нас, дека ние ги носиме инсектите преку облека. Исто така во лебот имаше црви и тоа го пријавивме, но не презедоа ништо. Вработените во кујна ни кажаа дека нашле лебарки, дека исчистиле и дека ставиле некаков лепак кој бил отровен – сведочат дел од студентите.

Покрај сместувањето на студенти што студираат на државните универзитети, овој Дом функционира и како туристички оператор кој сместува и странски студенти што плаќаат економски цени за престој.

Поврзани содржини