СТУДЕН ТУШ ОД ПУТИН, ПРОГОВОРИ ЗА НАЦРТОТ ЗА МИР Ако Украинците не заминат, Русија планира да ги истера
Украинската армија ќе ги напушти териториите што ги окупира, тогаш ќе престанат и борбените операции. Ако не си заминат, ќе го постигнеме тоа со вооружени средства, изјави рускиот лидер.
САД не поднеле нацрт-договор за мир во Украина, туку само „список од 28 можни точки“ за преговори, изјави рускиот претседател Владимир Путин. Тој порача дека главниот руски услов за мир е повлекување на украинската армија од сите територии кои Русија ги смета за свои.
– Украинската армија ќе ги напушти териториите што ги окупира, тогаш ќе престанат и борбените операции. Ако не си заминат, ќе го постигнеме тоа со вооружени средства – изјави рускиот претседател на прес-конференција на самитот на Организацијата за колективна безбедност (ОДБК) во Киргистан.
Притоа, рускиот лидер нагласи дека руските сили имаат „позитивна динамика во сите правци“, дека градовите Красноармејск и Димитров се „целосно опколени“, а борбите околу Северск и Волчанск се интензивираат.
Путин тврди и дека украинските сили изгубиле 47.500 војници во октомври, додавајќи дека мобилизацијата во Украина е „насилна“ и дека има „многу високо дезертерство“.
Понатаму, рускиот лидер откри дека Москва го примила „списокот на американски точки“ по разговорите во Женева, пред неговата посета на САД и планираното патување во Алјаска. Тој најави дека следната недела американска делегација ќе пристигне во Москва, а одлуката кој ќе ја предводи ќе ја донесе Доналд Трамп. Русија, пак, ќе ја претставува министерот за надворешни работи и Владимир Медински.
Путин потврди и дека средбата меѓу руските и украинските служби во Абу Даби се одржала на иницијатива на Киев и дека таму „неочекувано се појавил американски специјален претставник“.
Тој порача дека е „бесмислено“ да се потпишуваат договори со актуелното украинско раководство, бидејќи, според украинскиот закон, само Врховната рада може да ги продолжи претседателските овластувања за време на воена состојба.
За односите со Г7, Путин оцени дека нема простор за соработка во сегашните услови и додаде дека Русија „никогаш не барала“ да стане членка на групата.
– Тие нè поканија, а сега нема покана – нагласи тој.
Путин исто така изјави дека е „изненаден“ од санкциите на Соединетите Американски Држави против руските нафтени компании.
Во врска со ОДКБ, Организација на Договорот за колективна безбедност, Путин рече дека Русија ја цени соработката со сојузниците и е подготвена да им обезбеди на земјите оружје и опрема.
– Не се закануваме никому, но мора да бидеме подготвени да одговориме на секоја агресија – истакна тој.
За ставот на Ерменија, која привремено се воздржува од учество во работата на ОДКБ, Путин беше воздржан:
– Тоа е нивен избор. Ако така сметаат дека треба, ќе останеме во контакт.
ОДКБ е воено-политички сојуз предводен од Русија, кој обединува неколку држави од поранешниот Советски Сојуз. Основан е во 1992 година, а официјално како меѓународна организација започнала да функционира во 2002 година.