СТРУЖАНИ ПОВТОРНО МОЖАТ ДА ЈА ПИЈАТ ВОДАТА По речиси еден месец укината забраната

По најновите анализи на Центарот за јавно здравје – Охрид, матноста на водата од изворот „Шум“ е во дозволените граници, поради што е укината забраната за употреба на водата за пиење.

157

Забраната за употреба на водата за пиење од градскиот водовод во Струга е укината, соопшти попладнево на својата официјална фејсбук-страница јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Информацијата ја потврди и Општина Струга.

Одлуката, како што се наведува, е донесена врз основа на анализите на примероците од водата од изворот „Шум“ направени во последните денови.






„Според најновите анализи на Центарот за јавно здравје – Охрид, извршени на примероци од водата во водоводниот систем на градот, водата во Струга е безбедна за пиење“, соопштија од Општина Струга.

Анализите на Центарот за јавно здравје – Охрид од денешните мостри земени од изворот „Шум“ и од неколку мерни места во градот покажуваат дека матноста е во дозволените граници – 1,11 на извориштето и околу 0,80 во градската мрежа, додека максимално дозволената вредност е 1,5.

Надлежните информираат дека ќе продолжат со секојдневно земање мостри, поради можност од варирање на вредностите.

Водата од градскиот водовод, од кој се снабдуваат Струга и околните села, беше забранета за употреба речиси еден месец поради зголемена матност на водата од изворот „Шум“.

Поврзани содржини