СТРУМИЧКО САРДИСАНО ЗА ПЕТТЕ ТОНИ МАРИХУАНА Акција и во поранешниот комплекс ОХИС
Според информации до кои дојде Плусинфо, во тек е координирана акција на повеќе институции насочена кон злоупотребите во легалното производство на канабис.
И покрај молкот и минималните информации што институциите ги пласираат во јавноста околу случајот со запленетата марихуана во Србија и можната поврзаност на македонски компании, според информации до кои дојде Плусинфо, овојпат истрагата оди во поинаков правец – тивко, координирано и без компромиси.
Како што дознаваме, станува збор за внимателно подготвена и затворена операција насочена кон директен удар врз мрежата на таканаречени „легални“ производители на канабис во Македонија, кои со години, наводно, ја злоупотребувале дозволената дејност.
Според неофицијални информации, вечерва е во тек полициска опсада на повеќе објекти и локации во Струмица и Струмичко, додека истовремено објект во Скопје, во поранешниот индустриски комплекс Охис, е целосно запоседнат од надлежните институции уште од четврток навечер.
Во акцијата, како што дознава Плусинфо, се вклучени повеќе институции – полицијата, царинските служби, здравствени инспекторати и јавното обвинителство. Фокусот е ставен на мрежата што со години функционирала под превезот на легално производство, но, според сомнежите, служела за нелегален извоз и профитирање.
Засега нема официјални потврди, но нема ниту деманти од институциите. Токму овој институционален молк, според нашите соговорници, укажува дека овојпат властите решиле да не играат по старото сценарио со протекување информации, политички притисоци и калкулации, туку да одат до крај – тивко, системски и без отстапки.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања денеска, не сакаше да навлегува во детали за марихуаната запленета во Србија, што дополнително ги засили сомнежите дека во позадина се води обемна и чувствителна акција на Министерството за внатрешни работи.
Според изворите на Плусинфо, овие структури не се изолиран случај, туку резултат на години институционална толеранција, заштита и системски пропусти, создадени и одржувани од политичко-бизнис елити во периодот на поранешната власт.
Дали актуелниот молк е најава за конечен и сериозен удар врз легализираното криминално профитирање со канабис, или станува збор за уште една недовршена акција, ќе покаже периодот што следи. Повеќе информации се очекуваат во текот на утрешниот ден.