Главната карневалска вечер на годинашното издание на Интернационалниот струмички карневал ќе се одржи на 25 февруари.
Организациониот одбор на карневалот го објави плакатот за карневалот, но засега не се соопштуваат повеќе детали, освен дека главниот настан – дефилето на карневалските групи од земјава и странство ќе се случи на 25 февруари идниот месец.
Традиционално карневалските празнувања во Струмица траат повеќе денови во кои се организираат најразлични настани, а вообичаено карневалот почнува со свечено предавање на клучот од градот од градоначалникот на карневалистите.
Инаку, датумот на одржување на Струмичкиот карневал секоја година е различен, бидејќи се поврзува со почетокот на големиот велигденски пост кој почнува секоја година на верскиот празник Прочка и трае 40 денови.
Годинава Прочка е на 26 февруари (недела), кога традиционално се одржува Детскиот карневал.
Центарот за култура од Струмица го објави конкурсот за 24. Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам „Струмица 2023″, кој се одржува во рамки на Интернационалниот струмички карневал, на тема „карневал-еротика”
Според пропозициите на конкурсот за афоризам секој автор може да учествува најмногу со 10 афоризми отпечатени во 3 примероци со шифра и со податоци за авторот во затворен плик. Учесниците можат да учествуваат со повеќе трудови од десет афоризми со шифра за секој труд.
Во категоријата карикатура секој автор може да учествува најмногу со 3 карикатури работени во техника по избор на авторот, со димензии А4, а на секоја карикатура треба да има податоци за авторот на задната страница.
Афористичарите и карикатуристите своите дела треба да ги испратат најдоцна до 16 февруари 2023 година, а жири комисијата ќе додели златна, сребрена и бронзена плакета со право на жирито да одреди дополнителен број награди.
Наградите ќе се доделат на 27 февруари 2023, кога ќе биде организирана изложба и презентација на наградените дела.